Пишува: Зоран Милошески

Поминаа 9 години откако Тоше повеќе не е со нас. Најсјајната музичка ѕвезда која Македонија некогаш ја имала, момчето пред кое се поклони Балканот и на кое музичките продуценти од колевката на рокенролот му предвидуваа светска кариера, трагично го заврши својот живот во тоа кобно 16-то октомвриско утро во близина на Нова Градишка.

Неговата музика и денес се слуша подеднакво како и во времето кога Тоше ги полнеше стадионите и спортските сали, кога воздишките на девојчињата и девојките беа еднакво гласни како и стиховите од неговите песни. Биле тие испеани на македонски, српски или англиски јазик, сѐ едно. Емоциите кои ги предизвикуваа беа со идентичен интензитет: силни и полни со љубов.

toshe-2Тоше имаше љубов за сите нас. И ние го сакавме Тоше. Или барем најголемиот дел од нас. Дали тоа може да го кажеме денес, од сегашна временска дистанца? Ако судиме според она што последните години го гледаме на Гумење, на годишнината од неговото загинување, тешко…

Државата прва го изневери Тоше. И ден денес го прави тоа. Во силните милиони евра потрошени за кич, барок и споменици на сомнителни личности од нашето минато, за имиња за кои никој никогаш и не чул, не се најдоа минимални средства за уредување на гробот на Тоше. За неговиот вечен дом да добие достоинствен изглед каков прилега, каков треба и каков мора да биде.

Срамно е за државата, на гробот на Тоше да нема мермерна плоча, да нема споменик. Срамно е гробното место кое полека тоне да биде покриено со плексиглас кој во лето прокиснува од дождот, а во зима од снегот. Срамно е народните пратеници од владејачкото мнозинство да бидат против од собранискиот или државниот буџет да се издвојат „смешни“ 10-15 илјади евра за подигање на споменик на македонската музичка икона. Срамно е што Општина Крушево наоѓа разно-разни одговори за да се амнестира себеси од моралната обврска и должност која ја има кон Тоше.

toshe-4Ама за да имате морална обврска, треба да имате морал. За да имате срам, треба да имате лице. А за тоа каков бил и каков сѐ уште е односот на државните функционери кон Тоше и кон неговото семејство, најдобро зборува тонскиот запис од прислушуваните разговори, во кој екс министерот Јанакиески на тогашната и актуелна министерка за култура Канческа-Милеска ѝ вели:

„Бети, во Крушево сум. Овие од Тоше семејствово против нас се. Што праиме? Да му ја избркаме таа од работа, ако не и да не му даваме повеќе 3.000 евра, да го затвориме музејо“?

Догодина ќе се стори една деценија без Тоше. Славен, зетот на Тоше, денес ми најави дека најдоцна до 31.март следната година, светлото на денот ќе го здогледа новиот албум на Тоше со 10 негови досега необјавени песни. Од нив 8 испеани на англиски, по една на македонски и српски. И нив, како и сите досега издадени, ќе ги слушаме и пееме со радост и со солзи.

Да го сакавме тогаш приближно колку тој сите нас, денешниот ден веројатно ќе беше малку помалку тажен…