Трагедија во Кран-Монтана: Швајцарија тагува

Трагедија во Кран-Монтана: Швајцарија тагува

„Швајцарија е тажна, но и обединета во болката“, изјави синоќа (1.01) на прес-конференција сојузниот претседател Ги Пармелен. Тој зборуваше за една од најголемите трагедии во историјата на земјата.

Околу 40 лица го загубија животот во разорниот пожар во Кран-Монтана. 115 се повредени, повеќето од нив тешко. Многу од жртвите сè уште не се идентификувани.

Кран-Монтана, Швајцарија 2026 | Луѓе палат свеќи пред барот „ Le Constellation“
Швајцарија е во шок и тага

Повеќето жртви се млади луѓе кои славеле Нова година

Според властите, главно млади луѓе, на возраст меѓу 15 и 26 години, славеле Нова година во барот „Le Constellation” кога околу 1:30 часот избувнал пожар.

„Тоа е најстрашното“, рече вчеравечер видно потресен и со солзи во очите претседателот на кантоналниот совет на Вале, Матијас Рејнард, за телевизијата РТС. „Најстрашно е што се млади луѓе. А кога ги сретнувам роднините, тоа се нивни пријатели, браќа, родители. Страшно е.“

Кран-Монтана, Швајцарија 2026 | Полицајци во „Le Constellation“ по пожарот
Според властите, главно млади луѓе, на возраст меѓу 15 и 26 години, славеле Нова година во барот „Le Constellation“ кога околу 1:30 часот избувнал пожар

„Имаше турканица и гужва“

И 17-годишната Летиција славела во барот и како за чудо, вели таа, успеала да излезе надвор. „Имаше турканица и гужва од сите страни, над мене луѓе во пламен или мртви. Ништо не разбрав, само викав дека не сакам да умрам.“

Преживеаните сведочат за шокантни сцени, луѓе што горат, целосна паника. „Им должиме почит на младите луѓе“, рече претседателот Пармелен, „и мора да направиме сè за вакви трагедии да не се повторат.“

Кран-Монтана, Швајцарија 2026 | Внатрешност на бар по смртоносен пожар за време на новогодишните прослави
Внатрешноста на барот по пожарот

Видео наводно го покажува моментот на избувнување на пожарот

Додека семејствата очајно ги бараат своите исчезнати деца, а тешко повредените се згрижуваат во болници, особено во универзитетските клиники во Лозана и Цирих кои се специјализирани за изгореници, во Кран-Монтана се водат истраги за причината на разорниот пожар.

Неколку очевидци раскажале за светлечки прскалки и мали огномети за на маса поставени на шишиња за шампањ. Вечерта францускиот канал БФМ на платформата X објави фотографија која наводно го прикажува моментот на избувнување на пожарот. На неа се гледаат неколку шишиња со запалени светлечки прскалки меѓу толпата, како и први пламени на таванот.

На прашањето за овие сведоштва, надлежната генерална обвинителка на кантонот Вале, Беатрис Пилу, упати на тековната истрага и рече дека не може ништо да потврди. Точните околности на несреќата сè уште се испитуваат. Според кантоналната влада на Вале, во барот дошло до т.н. „flashover“, при кој почнувајќи од мал пожар, сите запаливи површини во просторијата се палат одеднаш.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Осомничениот судија заврши на распит по три дена од откриените „соѕидани“ 350.000 евра

Осомничениот судија заврши на распит по три дена од откриените „соѕидани“ 350.000 евра

Куќен притвор и одземање пасош се двете мерки што обвинителите ги бараат за осомничениот судија …