Двеминутното интервју на Бахрудин Калетовиќ, влезе во колективното сеќавање на граѓаните на некогашната Југославија.

Реченицата која во јуни 1991 година, во разговор со репортерот на ТВ „Јутел“, Ивица Пуљиќ,  на првата линија на фронтот во Словенија ја изговори тогаш 19 годишниот војник на ЈНА од Тузла, Бахрудин Калетовиќ, во оригинал, гласеше:

„Oni kao hoće da se otcjepljuju, a mi im kao ne damo“.

За кратко време, оваа реченица предвреме ја обесмисли и онака бесмислената долгогодишна крвава војна која, недолго потоа, се случи на просторите на поранешната Југославија.

Во моментот кога бил интервјуиран, Бахрудин Калетовиќ се наоѓал на отслужување на редовниот воен рок во Карловац, па како десетар на 10. корпус на 306 лесен артилериски полк на ПВО, бил испратен во Словенија.

Во раните утрински сати на 27 јуни 1991 година, овој полк ја преминал словенечката граница кај Метлика, за да веднаш потоа биде нападнат од припадниците на Територијалната одбрана на Словенија. Во шумата, на линијата на огнот, Бахрудин Калетовиќ бил интервјуиран од новинарот на „Јутел“. Тоа двеминутно интервју, влезе во колективната меморија на сите Југословени.

Јутел: Каква е состојбата?

Калетовиќ: Е.ана, ете каква е

Јутел: Знаете ли против кого се борите?

Калетовиќ: Од каде да знам, само знам дека пукаат на нас и ништо повеќе. Пукаат овие територијалциве, е.и го, кој друг?

Јутел: Зошто се води војната?

Калетовиќ: Ама од каде да знам. Колку што јас тоа го разбирам, тие као сакаат да се отцепат, а ние као не им даваме. Всушност, ние само сакаме да се вратиме во касарната, ништо повеќе.

Токму во тие неколку реченици, е содржана сета збунетост и сиот страв на еден млад војник, кој во Словенија бил заробен па пуштен дома, за да повторно биде принуден да замине на фронтот. Новото регрутирање во армиските редови, значело заминување во Ѓаково, каде повторно бил заробен со целата единица.

После излегувањето од заробеништво во Хрватска, се пријавил во резервниот состав на МУП на Босна и Херцеговина, во единицата за врски. Во едно интервју кон крајот на 1997 година, за времето поминато во војната, Калетовиќ ќе рече:

„Често бев на првата линија на фронтот, таму бев сведок на вистински пекол. После сето тоа што таму го доживеав, она во Словенија беше “мачкина кашлица“.

Во поствоениот период, Бахрудин Калетовиќ се занимавал со музика и со свој бенд настапувал во повеќе држави од некогашната Југославија.

После завршувањето на еден настап во Загреб, брзајќи да го посети својот штотуку роден син, Бахрудин Калетовиќ загинал во сообраќајна несреќа во непосредна близина на Тузла.