Трајковски: инвестираме во образованието, културата и градиме партнерство со НВО -секторот

Трајковски: инвестираме во образованието, културата и градиме партнерство со НВО -секторот

За стипендии и награди за талентирани ученици изминативе 24 месеци Општина Делчево издвоила над 1,5 милиони денари, а интензивно се работи на анимирање на младите да гледаат во технологијата на иднината, како поле за нивен професионален развој. Ова го истакна градоначалникот на Општина Делчево на прес-конференцијата одржана денеска на која главна тема беа инвестициите во образованието, културата и градењето партнерство со НВО-секторот. Прес-конференцијата е дел од отчетот по повод 2 години локална власт предводена од градоначалникот Горан Трајковски.

Зборувајќи за инвестициите во образованието на локално ниво , тој потесети дека за учебната 2019-2020 година е зголемен бројот за 6 ученички стипендии повеќе во споредба со лани и најави нова мерка која ќе се предвиди во Буџетот за 2020 година, а се однесува на првачињата.

-Во Буџетот за наредната година планираме средства за уште една социјална мерка, а тоа е поддршка на родителите на сите првачиња кои ќе се запишат во делчевските основни училишта кои на почетокот на школската година ќе добиваат еднократна парична помош во износ од 3.000 денари, истакна Трајковски.

Тој ги потенцираше заложбите за поголеми познавања на младите на полето на иновациите, напредните технологии и претприемништвото и потсети на двата семинари по роботика кои с еодржаа во Делчево и каде учество зедоа околу 400 средношколци, но и за прв пат светската организација „Џуниор ачивмент Македонија“ во Делчево го одржа Иновативниот камп што е, всушност, и прв ваков семинар, одржан, воопшто, во Источна Македонија, каде со иновативни претприемнички идеи се натпреваруваа 100 средношколци од 20 средношколски центри.

Трајковски ги истакна и инвестициите во образовните установи и детската градинка за подобрување на условите за настава или престој на децата.

-Во детската градинка „Весели цветови“ извршена е комплетна реконструкција на кујната и на одводната канализација со што е целосно решен проблемот со  дотраената канализација. Делчевската гимназија„М.М.Брицо“ доби енергетско- ефикасна фасада со што сега се штеди енергија и до 30%. Средствата во висина од 1,8 милиони денари се сопствени средства на училиштето, а подготвен е и кабинет за изведување практична настава по хасап- систем за потребите на  хемиско – технолошката струка во училиштето. Во ООУ „Ванчо Прке“ се изгради дворната ограда со која  се реши голем проблем на училиштето поврзан со безбедноста на учениците и заштитата на имотот на училиштето. Инвестицијата е вредна 550.000 денари, средствата се обезбедени од буџетот на училиштето, рече Трајковски.

Зборувајќи за културата, тој потесети на концертите кои се одржуваа во Делчево, посебно концертите од „Делчевско лето“, Научната трибина „1150 години од смртта на Кирил Филозоф“, изложби и промоции и сл.

-На полето на културната понуда има значително поместување од неколку причини. Прво, за прв пат на Седница на Советот донесовме Програма за култура, а второ ги обединивме сите локални институции и здруженија на граѓани кои работат на полето на културата и подготвивме пакет на понуди кои ќе задоволат различни вкусови. Останува до крајот на годинава да ја завршиме административната процедура за отворањето на Локалниот музеј „Пијанец“-кој ќе го чува и промовира историското, археолошкото, етнолошкото и палеонтолошкото богатство на Делчево и ќе иницира нови археолошки и палеонтолошки истражувања, рече Трајковски.

Тој се осврна и на градењето партнерство со НВО –секторот и транспарентната постапка за доделувања општински средства за реализација на проекти и поддршка на работењето на здруженијата.

-Со поддршка на НВО изработуваме стартешки документи кои веруваме дека ќе го подигнат квалитетот на услугите. Изработивме Стартегија и акциски план за родова еднаквост, а со целосна финансиска поддршка од Општина Делчево работиме на првиот стартешки документ за комуникација со јавноста. Општина Делчево има и Стратегија за соработка со граѓанскиот сектор и Стратегија за социјална заштита.Во партнерство со НВО-сектор и ЈЛБ „Илинден“ го опремивме и го ставивме во функција на сите граѓани мултифункционалниот центар кој придонесува за унапредување на учеството на граѓанскиот сектор и граѓаните на Општина Делчево во креирањето на локалните политики. Уредивме дел од оваа сала и со Одлука на Советот ја направивме културно место каде ќе се склучува граѓански брак, без никаков надоместок, рече Трајковски.

Општина Делчево не е изолирана општина како претходно, рече Трајкосвки и потсети дека во посета на Општина Делчево биле искусни амбасадори, но и наши министри и директори на ЈП од каде Делчево добива несебична поддршка во реализацијата на проектите.

-Исто така, Општина Делчево, прв пат, беше презентирана надвор од Европа и во една од најбрзорастечките економии во светот – Кина, на Бизнис-самитот на Урбаната алијанса на патот на свилата. Делчево стана рамноправен член на Урбаната алијанса. Исто така, создадовме нови пријатели на Делчево и градиме контакти со цел промоција на Делчево и културните вредности на Пијанец, но и промоција на природните раритети кои даваат плодна основа за развој на туризмот, а секако, основната наша замисла е промоција на можностите за инвестиции кои даваат значаен придонес во локалниот економски развој. Овде ќе ги споменам посетите на Горажде во БИХ, на Тернопил Украина, на Жежов во Полска, Газиемир и Борнова во Измир-Турција. А, за сите наши пријатели, за нашите иселеници, но и претставниците од бизнис-секторот, Општина Делчево за прв пат самостојно организираше Бизнис-форум, каде имаше над 120 учесници. Целта беше презентација на Општина Делчево и можностите за инвестиции, истакна Трајковски.

Градоначалникот Трајковски најави максимална ангажираност и посветеност за дореализација на проектите и отпочнување нови кои ќе бидат предизвик за идниот период.

– Пред нас е интензивен период во кој јас и мојот тим ќе се вложиме максимално за да продолжиме по патот, кој убеден сум -ќе донесе подобар квалитет на животот, повеќе пари во секое семејство, ќе ги врати вредностите, а општината ќе порасне во вистински сервис на граѓаните. Како градоначалник и човек од збор и со достоинство, нема да дозволам моите сограѓани да бидат разочарани од локалната власт предводена од мене, локална власт создадена со голема доверба и поддршка дадена пред две години на локалните избори. Целиот напор се исплаќа само доколку не се откажеме од она што сме го наумиле, а јас не се откажувам од остварувањето на мојата визија за Делчево- европско Делчево каде живеат задоволни граѓани, истакна Трајковски.

Прочитајте повеќе

Наративите на ВМРО-ДПМНЕ за Пендаровски се главно проблематични и кокетираат со невистини

Наративите на ВМРО-ДПМНЕ за Пендаровски се главно проблематични и кокетираат со невистини

Поентата што сака да ја постигне противничката партија е дека Пендаровски, всушност, не е човек …