На конгресните избори во САД Републиканците го надградија своето мнозинство во Сенатот, Демократите пак обезбедија мнозинство во Претставничкиот дом.

Изборите за Конгресот во САД ги наелектризираа Американците како никогаш досега.  Од сојузните држави стигнуваат информации за рекордна излезност, на некои места луѓето со часови стоеја во редици за да го дадат својот глас.

Во голем број изборни окрузи трката меѓу кандидатите беше исклучително неизвесна. Демократите, според прелиминираните резултати, обезбедија комотно мнозинство во Претставничкиот дом.

Претставничката на Демократите, Ненси Пелоси, изјави: „Остваривме историска победа. Ова не е победа за нашата партија, туку за вредните американски семејства. Ова е победа за нашата земја, таа ја претсавува моќта на нашиот устав.“

Ненси Пелоси сака да ја преземе функцијата претседател на Претставничкиот дом, со што би станала важен противник на американскиот претседател Доналд Трамп.

Nancy Pelosi (Reuters/A. Drago)Ненси Пелоси се надева да претседава со Претставничкиот дом

Републиканецот Чарлс Кинг Малори, кој долги години беше шеф на берлинскиот Аспен институт, оценува дека демократското мнозинство може да му го загорчи животот на Трамп.

„Ако на Демократската партија, на пример, не ѝ се допаѓа  надворешната политика на Трамп,  Претставничкиот дом може едноставно да го запре финансирањето, како што се случи во време на Роналд Реган, во 1980-те години. Тие имаа право според малку познат закон од 1920-те години, да бараат претседателот да ја презентира на јавноста својата даночна пријава. Тие исто така имаат право за издавање налог за спроведување истрага, а тоа за господинот Трамп би можело да биде многу непријатно“, смета Кинг Малори.

Трамп токму тоа сакаше да го спречи, поради што ги употреби сите сили во изборната борба на својата Републиканска партија, при што Демократите ги опишуваше како опасност за САД.

Сенатот останува кај Републиканците

Главна мотивација на избирачите беше да се поддржи или да се ослабне Трамп. Една жена која ја интервјуиравме на избирачко место тоа вака го формулираше: „На можам да го поднесам неговиот став кон жените и нивните права. Гласав за карактер, а тој нема карактер.“ Други гласачи, оние кои го поддржуваат, пак вака изјавуваа: „Се обидуваме да ги исправиме, да ги доведеме во ред работите во Вашингтон.“

Donald Trump spricht über Einwanderungspolitik (picture-alliance/C. Kleponis)Републиканците на Доналд Трамп го задржаа мнозинството во Сенатот

Како и да е, претседателот Трамп и неговата Републиканска партија успеаја, зашто го задржаа мнозинството во Сенатот, каде Демократската партија загуби важни места, на пример во Северна Дакота и во Индијана. Во оваа вторава сојузна држава славеше Мајк Браун. „Ние конзервативците, предводени од претседателот Трамп, мораме да докажеме дека нашиот начин на размислување функционира, дека она што функционира во Индијана, функционира и во остатокот од Америка. Мислам дека можам да придонесам кон тоа.“

Посебно тесна беше трката во сојузната држава Тексас, каде надежта на Демократската партија, Бето О‘Рурк со тесен резултат загуби од Републиканецот Тед Круз.

Сега е прашање што ќе направат двете партии со успехот. Со мнозинство во Сенатот, претседателот Трамп може и натаму да ги спроведува своите политички цели, на пример именување конзервативни судии за членови на сојузните судови. За сѐ друго, тој мора да разговара со Демократите, што отвора друго прашање: колку по драстично жестоката кампања двете страни воопшто се подготвени на компромиси?

Извор: dw