По отворениот спор во Белата куќа со украинскиот лидер Володимир Зеленски, американскиот претседател Доналд Трамп сигнализираше зближување меѓу двете држави. Украина е подготвена да потпише договор за суровини, рече Трамп во својот прв говор во Конгресот по враќањето во Белата куќа.
Тој се осврна на „важното писмо“ што го добил од Зеленски. Во него, како што вели, меѓу другото се наведува и дека Украина е подготвена да „дојде на преговарачка маса што е можно поскоро“ со цел да се приближи до траен мир. „Истовремено, имавме сериозни разговори со Русија и добивме силни сигнали дека тие се подготвени за мир“, рече Трамп. „Зарем тоа не би било прекрасно?“
Засега нема коментар од украинска страна. Сепак, неколку часа пред говорот на Трамп, Зеленски во врска со спорот со американскиот претседател на платформата Х напиша дека е „жално што дошло до тоа“ и тврди дека е подготвен да работи во насока на траен мир под водство на американскиот претседател.

„Америка не може да биде запрена“
Говорот на Трамп во Конгресот беше проследен со извици „САД“ и „Бу“. „Америка се врати“, нагласи Трамп веднаш на почетокот на својот говор. „Америка не може да биде запрена“. Додека републиканските претставници лево од американскиот претседател аплаудираа со ентузијазам и скокнаа на нозе, Демократите демонстративно останаа да седат на своите столчиња.
Трамп си даде одлична оценка за сопствената работа во изминатите 43 дена: неговата администрација, како што рече, постигнала повеќе од која било друга администрација за четири или дури осум години, „а ние штотуку почнуваме“.
За конкретни проекти тој зборуваше прилично дискретно. Говорот на многу начини наликуваше на говор од предизборна кампања. Сепак, републиканецот се осврна на неколку конкретни точки.
„Реципрочни царини“ од втори април
Американскиот претседател по сѐ изгледа сака да продолжи во голема мера да се потпира на својата царинска политика. Тој најави дека „реципрочните царини“ ќе стапат на сила на втори април. Штом друга земја воведе царини за американски производи, САД треба да го направат истото. Тој не спомена никакви исклучоци за поединечни земји, така што веројатно ќе биде засегната и Европската унија.
САД ќе соберат трилиони американски долари, дури и ако има мали пречки, вети Трамп. „Другите земји ни воведуваа царини со децении, сега е наш ред да го примениме тоа против тие други земји“, рече тој. „Сега сме ние на ред.“

Производителите на автомобили се растревожени
Новите царини ќе ѝ дадат поттик на американската автомобилска индустрија, рече Трамп. Неодамна, производителите на автомобили предупредија дека веќе воведените доплати за двете соседни земји Мексико и Канада ќе доведат до повисоки цени и ќе ги нарушат синџирите на снабдување кои постојат 25 години.
Аплаузот на Републиканците за забелешките на Трамп за царините беше пригушен: ракоплескаа само околу половина од неговите партиски колеги.
Гасовод од Алјаска и ископ на ретки метали
Американскиот претседател повеќепати ги критикуваше, според неговото мислење, превисоките цени на енергијата во САД – за што ја обвини претходната американска администрација. Тој сака да изгради „гигантски“ гасовод на Алјаска. Ќе биде еден од најголемите во светот, рече Републиканецот. Јапонија, Јужна Кореја и други земји, наводно, сакале да учествуваат во проектот со трилиони американски долари.
Трамп, исто така, сака да го прошири ископот на ретки метали и критични минерали во САД. Во преговорите со Украина постојано станува збор за договор за ископ на ретки метали во земјата нападната од Русија.

„Гренланд ни е потребен за национална безбедност“
Трамп во Конгресот повторно нагласи дека сака да ја преземе контролата врз Гренланд. „Гренланд ни е потребен за националната безбедност, па дури и за меѓународната безбедност, и работиме со сите вклучени страни за да се обидеме да го добиеме“, рече тој за островот кој му припаѓа на Кралството Данска. Иако таму живеат многу малку луѓе, Гренланд е „многу големо парче земја и многу, многу важен за воената безбедност“, оцени Трамп.
Во изминатите месеци американскиот претседател постојано изјавуваше дека сака да ја преземе контролата врз најголемиот остров во светот. Тој притоа не исклучува воена или економска принуда. Владата на Гренланд на тоа постојано одговараше дека сака да работи на евентуална независност од Кралството Данска, но дека не сака да стане дел од Соединетите Американски Држави.
Ал Грин исфрлен од салата
Говорот на Трамп уште еднаш јасно покажа колку се поделени политичките табори во САД. Демократите за време на говорот на Трамп држеа табли, на кои, меѓу другото, беше напишано и „Погрешно“ и „Маск краде“. Американскиот претприемач Илон Маск доби налог од Трамп да гработи на преструктуирање на државниот апарат, што вклучува и масовни откази.
По само неколку минути, претставник на Демократската партија беше изведен надвор од просторијата поради извици. Откако Трамп рече дека на изборите во ноември добил мандат од гласачите за длабока промена, Александар Н. „Ал“ Грин од државата Тексас се вмеша извикувајќи дека Трамп нема мандат. Поради тоа што тој постојано го повторуваше тоа, на крајот беше изведен надвор од салата.
Грин подоцна нагласи дека мислел на фактот дека Трамп немал мандат за кратења во американскиот здравствен систем Медикеид. Граѓаните треба да знаат дека има луѓе кои му се противат на Републиканецот, смета Грин.