Трамп: Иранската понуда за мир е неприфатлива

Трамп: Иранската понуда за мир е неприфатлива

Американскиот претседател  Доналд Трамп  ја отфрли иранската реакција на предлогот на САД за прекин на војната, оценувајќи ја како „целосно неприфатлива“. Тој ги одби барањата на Техеран, истакнувајќи дека не ги прифаќа нивните услови.

Трамп на својата платформа Трут Соушл напиша: „Штотуку го прочитав одговорот на таканаречените ‘претставници’ на Иран.  Не ми се допаѓа – целосно неприфатливо“.

Иранските барања  биле доставени до САД преку посредничката земја Пакистан. Претходно,  Соединетите Американски Држави  предложија прекин на борбите, по што би започнале преговори за поконтроверзни прашања, како што е иранската нуклеарна програма.

Иран со сопствени услови за прекин на конфликтот

Агенцијата „Тасним“, која е блиска до Иранската револуционерна гарда, објави дека раководството во Техеран бара итен прекин на војната на сите фронтови, особено во Либан, каде Израел се бори против шиитската милиција Хезболах, сојузник на Иран.

Покрај тоа, Иран бара прекин на американската морска блокада, гаранции дека нема да има нови напади, како и укинување на санкциите, вклучително и американското ембарго за продажба на иранска нафта.

Според извештај на „Волстрит џурнал“, иранското раководство понудило дел од високо збогатениот ураниум да се разреди, а остатокот да се пренесе во трета земја. Сепак, иранските државни медиуми наведуваат дека спорот околу нуклеарната програма не бил дел од официјалниот одговор на американскиот предлог.

Иранските медиуми го протолкуваа американскиот предлог како повик за капитулација на Техеран. Прифаќањето на таков предлог би значело потчинување на Исламската Република на „претераните барања“ на Трамп, коментираше провладиниот канал Прес ТВ.

Од друга страна, иранскиот план не предвидува само прекин на војната на сите фронтови, туку и барање САД да платат воени репарации. Дополнително, Техеран инсистира на  „целосен суверенитет над Ормускиот Теснец,  укинување на санкциите и ослободување на запленетите ирански средства“.

Американски план со 14 точки и нови тензии

Американскиот предлог  претставува документ со 14 точки, чија цел е воспоставување рамка за преговори во траење од 30 дена, со цел ставање крај на војната.

Според медиумските извештаи, се дискутира и за евентуално олеснување на американските санкции, како и за договори поврзани со иднината на Ормускиот Проток – една од најважните морски трговски рути во светот. Исто така, предлогот треба да создаде основа за преговори за иранската нуклеарна програма.

Во меѓувреме, новиот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хаменеи, кој се нема појавено во јавноста од  почетокот на војната,  одржал состанок со раководителот на заедничкото воено командување, пренесуваат иранските државни медиуми.

Според нивните информации, Хаменеи дал „нови и одлучувачки инструкции за продолжување на операциите и енергично спротивставување на непријателите“. Детали за наредбите не се објавени.

Израелскиот премиер  Бенјамин Нетанјаху,  пак, во интервју за американската телевизија Си-Би-Ес изјави дека војната сè уште не е завршена, бидејќи Иран и натаму поседува збогатен ураниум.

„Трамп ми рече: ‘Сакам да влезам таму’ – и мислам дека тоа е физички изводливо“, изјави Нетанјаху.

Извор: DW