Неизвесноста за преговорите меѓу САД и Иран се зголеми денеска откако земјите дадоа спротивставени изјави за статусот на разговорите за ставање крај на нивната петмесечна војна. Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека разговорите се во тек, предупредувајќи за последната шанса на Техеран да потпише добар договор, но Иран негираше дека се водат или се планираат преговори.
„Тие се во тек во моментов“, им рече Трамп на новинарите на настан во Овалната соба кога беше прашан за состојбата на преговорите, велејќи дека страните разговараат на барање на Иран, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Катар, меѓу другите.
„Ова е последна шанса за Иран да потпишат добар документ“.
Коментарите следеа по одлуката на Трамп за време на викендот да ги откаже масовните напади за кои рече дека ги одобрил врз Иран, бидејќи требаше да се одржат разговори, повторувајќи го моделот во кој вети големи напади, само за да ги откаже.
Претходно во понеделник, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, изјави дека не се водат преговори со САД и дека не се закажани никакви состаноци.
„Иран нема планови да биде домаќин на странски делегации или да испраќа преговарачи во странство во наредните денови“, рече тој.
Багаи додаде дека сите ирански преговарачи се во земјата, освен министерот за надворешни работи, Абас Аракчи, кој беше на религиозно поклонение во Ирак. Единствените разговори што се во тек, рече тој, се разговори со Оман за управување со Ормускиот теснец.
Бродската активност во Заливот само го засили тековниот застој откако Иран речиси ги прекина транзитите низ виталната рута за една петтина од глобалните пратки сурова нафта и природен гас пред да биде блокиран во војната.
Еден товарен брод објави дека бил погоден од непознат проектил во близина на теснецот покрај брегот на Оман, соопшти агенцијата за поморски трговски операции на Обединетото Кралство.
Сообраќајот низ Ормускиот теснец остана во голема мера бавен, со три танкери и три товарни бродови меѓу шесте бродови што транзитираа низ теснецот во понеделник, што е намалување од седум претходниот ден, покажаа податоците на Kpler.
Сепак, надежите дека тензиите меѓу САД и Иран повторно се намалуваат ги намалија цените на нафтата, додека главните берзански индекси пораснаа во понеделник.
Фјучерсите за суровата нафта Брент паднаа за околу 7% на околу 83,77 долари за барел. Азиските акции и цените на нафтата пораснаа во вторник. Официјални лица од Заливот и аналитичарите велат дека Иран се обложува дека може да го надживее Вашингтон со тоа што ќе ги претвори трговските патишта, бродските линии и енергетската инфраструктура на Блискиот Исток во точки на притисок што постојано ја зголемуваат цената на конфронтацијата.
Се надева дека таквата стратегија ќе ги убеди САД и нивните сојузници дека ограничувањето на кризата е поскапо од задоволувањето на барањата на Иран околу Ормутскиот теснец.
„Нивната голема предност е што можат да им наштетат на регионалните држави и на глобалната економија“, рече Мајкл Најтс од Вашингтонскиот институт.
Извор: МЕТА
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место