„Во делот на заменските воспитувачи и негователи, согласно законското решение донесено 2014 година се обезбедува непречено функционирање на детските градинки. Затоа им беше посочено на Директорите на установите претходно да ги известат Локалните Самоуправи дека неопходно е да обезбедат згрижување на децата и непречено функционирање на градинките, “ рече министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во емисијата Студио 10, на Телевизија 24.
Министерката посочи дека изминатите денови постојано се информираа родителите и вработените дека градинките по закон мора да работат, установите за згрижување на деца единствено можат да прекинат со работа само во случај на елементарни непогоди за што носи одлука основачот на градинката со претходна согласност на министерството. Таа рече дека на овој начин им се излегува во пресрет на родителите имајќи во предвид дека голем дел работат во приватниот сектор и не можат во секое време да бидат отсутни од работа.
„Социјалниот дијалог продолжува и верувам дека деновиве ќе имаме повторно средба со претставниците на СОНК и ќе најдеме решение кое што нема да биде на штета на стручниот кадар во градинките и на родителите, кои не успеаја денес да ги згрижат децата во градинките,“ изјави Тренчевска.
Таа додаде дека Владата ја зголеми минималната плата и согласно тоа ќе растат и другите плати. Стоиме зад ставот дека платите треба да растат, рече Тренчевска, и за остварување на таа цел треба заедно да одлучиме за најдобриот момент за зголемување на платите.