Трендафилов бара истрага: „Ми ги следат децата“

Трендафилов бара истрага: „Ми ги следат децата“

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, денеска остро реагираше дека е следен – не само тој, туку и неговите деца. Според него, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, незаконски објавила видео-снимка на која се гледаат неговите малолетни деца, што го оценува како „директна злоупотреба“.

Трендафилов бара одземање на имунитет и истрага

Трендафилов побара МВР да утврди кој ја снимал видеоснимката и да ѝ биде одземен пратеничкиот имунитет на Стојаноска, со цел да преземе правни мерки и раководството на ВМРО-ДПМНЕ да ја разреши од функциите.

Видеото е објавено за време на блокадата на Собранието, организирана од ССМ како дел од протестите за покачување на минималната плата. На видеото, чиј линк го сподели Стојаноска, се гледа како Трендафилов и неговите две деца влегуваат во возило.

„Не го слушајте што зборува, туку гледајте го како се однесува…Трендафилов, службеното возило на ССМ и приватните обврски“, напиша таа на социјалните мрежи.

Трендафилов возврати дека може да биде сниман, но дека е „апсолутно недозволиво“ да се снимаат и злоупотребуваат малолетни деца за политички цели.

Протест на ССМ за поголеми плати 28.01.2026
ССМ ќе ги блокира приодите кон Стопанската комора, Организацијата на работодавачи и Бизнис конфедерацијатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Повик до институциите – МВР, Обвинителство и меѓународната заедница

На прес-конференција во ССМ, Трендафилов тврдеше дека снимките направени во близина на училиште каде учат неговите деца, претставуваат кривично дело и доказ дека службите го следат.

Тој упати јавна критика кон пратеници, членови на власта и институциите, обвинувајќи ги дека вршат притисок врз него поради синдикалната борба за повисоки работнички плати.

Трендафилов ги повика МВР и Обвинителството да преземат итни чекори, оценувајќи го објавувањето на снимката како „злоупотреба на деца“. Тој најави дека за случајот ќе бидат известени и меѓународни институции.

ВМРО-ДПМНЕ: Трендафилов се претставува како жртва

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека протестите на ССМ завршиле со фијаско, а политичката позадина зад нив станува јасна. Во соопштението велат дека Трендафилов „лажно се претставува како жртва“ и потсетуваат дека самиот признал дека има плата од 57.000 денари и службено возило.

Обвинувањата следат откако ССМ во вторникот го блокираше Собранието, а за утре најави дека ќе ги блокира приодите кон Стопанската комора, Организацијата на работодавачи и Бизнис конфедерацијата. Блокадата ќе почне на раскрсницата пред Стопанската комора во 12 часот.

ССМ најави дека ќе продолжи со притисок кон Собранието и Владата за минимална плата од 600 евра и намалување на функционерските плати за 80%.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Американски претставници потврдуваат дека Русија му дава разузнавачки информации на Иран во војната на Блискиот Исток

Американски претставници потврдуваат дека Русија му дава разузнавачки информации на Иран во војната на Блискиот Исток

Наводната соработка доаѓа во многу деликатно време за односите меѓу САД и Русија, при што нуклеарните соперници …