Најголем придонес во растот има јавната потрошувачка, за 13.3%, како и приватната потрошувачка, која се зголеми за 1.9%
Според податоците од Државниот завод за статистика, растот на бруто домашниот производ во третото тромесечје од годинава, во месеците јули, август и септември изнесува три проценти. Како што информираат од Владата, овој раст е највисок споредбено со земјите од регионот и Европа. Најголем придонес во растот има јавната потрошувачка, за 13.3%, како и приватната потрошувачка, која се зголеми за 1.9%.
„Само пет земји членки на ЕУ имаат повисока стапка на раст во третиот квартал, додека пак во регионот Грција и Бугарија имаат раст од 2,4 проценти. Романија е во негативно салдо -0,3 проценти, додека пак Словенија има еден процент. Негативни се стапките на раст на Естонија, Австрија, Латвија, Германија и други држави, стои во соопштението од Владата.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува растот на БДП да продолжи и во четвртиот квартал со што на годишно ниво би се доближиле од три проценти, што е повеќе од предвидувањата од 1,8 проценти на Светската Банка.
Во третото тримесечје од 2024 година, поголем пораст е забележан во секторите Трговија на големо и трговија на мало, Транспорт и складирање, Објекти за сместување и сервисни дејности со храна, Стручни, научни и технички дејности, Административни и помошни услужни дејности.
Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во третото тримесечје од 2024 година, номинално растеше за 3,9 проценти, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ изнесува 67,7 проценти. Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално е зголемен за 2,0 проценти.