Обвинетите Халил Демири и Африм Исмаиловиќ се прогласуваат за виновни дека го сториле кривично дело тероризам од член 394б став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик, и се осудуваат на казна доживотен затвор. Обвинетиот Агим Исмаиловиќ се прогласува за виновен дека го сторил кривично дело тероризам од член 394б став 1 во врска со член 22 од КЗ и го осудува на казна доживотен затвор.

Ова денеска го истакна судијата Осман Шабани за обвинетите во случајот „Монструм“.

„Обвинетиот Хаки Азири се прогласува за виновен за две кривични дела помагање на сторител во извршено кривично дело по член 365 став 2 во врска став 1 од Кривичниот законик, па за секое кривично дело судот го осудува од по пет години затвор и го осудува на единствена казна затвор од девет години. Обвинетиот Фејзи Азири се огласува виновен за две кривични дела помагање на сторител во извршено кривично дело по член 365 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, и за секое кривично дело го осудува на еднствена казна затвор од 15 години,“ изјави судијата Осман Шабани.

Обвинителката Фатиме Фетаи од Судот побара да им одреди мерка притвор.

Случајот „Монструм“ се однесува на петкратното убиство кај Смилковското езеро на 12 април 2012 година. На лице место беа убиени четири момчиња на возраст од 18 до 21 година од населбата Радишани: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски и 45-годишниот Борче Стевковски од селото Црешево.

Во претходна постапка за овој случај на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост.

По ова, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење. По згаснувањето на СЈО предметот е повторно во рацете на Јавното обвинителство.

Извор:МЕТА