Пишува: Зоран Милошески

Вистината е непроменлива, злобата може да ја напаѓа, незнаењето може да ја исмејува, но на крај таа сепак е таму.
Винстон Черчил

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, дошол во Прилеп да ги смирува тензиите меѓу прилепските новинари. Одржал средба со новинарската фела и им порачал да имаат поголема солидарност и единство, оти поделбата која некој сакал да ја создаде меѓу нив, не им била од интерес. Тие пак му се пожалиле оти трпеле притисоци од локалната власт и локалните функционери, на што тој рекол дека ако само 1% од тоа што го слушнал било вистина, тогаш било страшно!

Накратко, тоа е она што како поента беше пренесено од средбата. Е сега, вака…

Прво: Прилепските новинари не се раскарани, за да има потреба некој да ги смирува!

Второ: Кукумјавчењето на тројца новинари, не може да се квалификува како “средба со прилепската новинарска фела“, кога новинарската фела во Прилеп брои повеќе од 20 членови!

Трето: Не е точно оти “некој“ сакал да создаде поделба меѓу нив!

Четврто: Ако почитуваниот “прв меѓу еднаквите“ новинари во државава, само 1% поверувал во приказните кои ги слушнал, тогаш е жално што години наназад сме го имале за претседател на ЗНМ, кога не може да ја разликува лагата од вистината, или што е уште попоразително за него, кога не се ни обидел да ја дознае вистината! Најмалку што се очекува од првиот човек на ЗНМ, е кога веќе одлучил некого да суди, тоа да го прави откако ќе ги собере сите информации. Ама да се “голтне јадицата“ фрлена од тројца режимски новинари, кои 12 години цицаа пари од Грујо и неговите поданици и беа носители на најбруталната пералница на мозок на локално ниво, да се расфрла со изјави дека во Прилеп биле “замолчени медиумите“, да се заканува со алармирање на меѓународниот фактор, не му доликува на новинар од негов ков.

Дали треба да го потсетувам дека во Прилеп, 12 години наназад, сите оние новинари кои не му се поклонија и приклонија на режимот, беа бркани од работа, шиканирани, изолирани од можноста да дојдат до информација? Знае ли Насер дека министри и други високи функционери од Владата на ДПМНЕ ги навредуваа и им се закануваа на “неподобните“ новинари? Дека им беа опожарени приватни имоти? Дека им беше загрозена животната егзистенција? Знае ли макар 1% за тоа? Зошто тогаш не дојде во Прилеп да ги заштити своите колеги? Знае ли каде беа и што работеа неговите вчерашни дезинформатори за целиот тој период?

Јас знам дека Насер многу скоро ќе ја осознае вистината, дотогаш краток брифинг: тројцата манипулатори, поданици на режимот, земаа пари од локалната самоуправа, државните и локалните јавни претпријатија, од училиштата, владини институции, Тутунски Комбинат, фирми во сопственост на финансиери на ДПМНЕ… од секаде каде постоела некаква можност да го материјализираат пишаниот или кажаниот збор. И тоа траеше исто толку долго, колку што траеше власта на груевци.

Она што нив до срце ги заболе, е јасно кажаната намера на новата Влада и на новата локална власт и градоначалникот, дека престанува финансирањето на медиумите со буџетски  средства! Сознанието дека пресушија изворчињата и секнаа чешмичињата, дека ќе треба да излезат на пазарот и со труд и квалитет да го заработат лебот, дека завршија привилегиите кои ги уживаа, внесе паника кај нив. Ете тоа е проблемот со “притисоците“ и “замолчувањето“ на медиумите – неспособноста да се опстане на пазарот. Фарсата и драмолетката која му прикажаа на Насер, има само едно име – Пари!

Се разбира, сето ова што го спомнав е докажлива и мерлива категорија. Впрочем, вистината за тоа кој, колку и од каде сѐ земал пари изминатата деценија, многу скоро ќе излезе на виделина. Конкретно. Со бројки и букви. До денар точно. И сето тоа ќе биде обелоденето пред очите на јавноста, на истиот начин како што изминативе неколку месеци работи локалната власт: максимално транспарентно!