„Досега Македонија минувала низ многу крстопати и секогаш го избирала вистинскиот пат и секогаш исчекорот бил направен на правата страна. Министерот Никола Димитров и премиерот Зоран Заев со Договорот што го склучија со Грција, филигрантски ја одиграа работата со овој преспански договор што нуди иднина за нас“, рече градоначалникот Илија Јованоски, на трибината што вчера се одржа во Прилеп, со наслов „Излези за европска Македонија“, заедно со министрите Никола Димитров и Оливер Спасовски.
Градоначалникот Илија Јованоски, ги презентираше предностите што ги нуди Европа за сите граѓани на Македонија. Посочи на можностите за младите, привлекувањето свежи инвестиции, примената на високите европски стандарди во наши, македонски рамки.
„Со Договорот ние го зачувавме македонскиот индентитет и македонскиот јазик. Во исто време имаме историја, култура, зачувано културно-историско наследство. Затоа наша е одговорноста и секој треба да ја понесе својата одговорност, да застане на вистинскиот пат. Сигурен сум, дека секој ќе го направи вистинскиот исчекор и дека ќе гласа на 30 септември“, порача градоначалникот Јованоски.
Според професорот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски, Македонија во овој момент е речиси најсветлата точка во светот. Сите светски политичари сакаат да дојдат во Македонија, како што рече дури во Јапонија сме пример за земја, како треба да гради добрососедски односи и како треба да се работи за својата држава.
„Во Договорот со Грција,не постои ниту една нерешена ситуација, ниту една дилема,зошто договорот не би и донел на државата многу повеќе, од тоа ќе остане, нејасно со него. Идентитетот, името и јазикот. Тие се доволно обезбедени. Зарем има подобро нешто, од македонскиот јазик да биде официјален јазик на земја членка на ЕУ. Нема, нели?! Зарем има подобро нешто од нашиот идентитет,којшто ќе го градиме со засилен интензитет и тоа како земја членка на НАТО и ЕУ?! И сигурно во иднина, некоја наредна Влада ќе потпише договор за членство на Македонија во ЕУ“, акцентираше меѓу другото проф. Дујовски.
Како што рече министерот за надворешни работи, Никола Димитров, „клучот за напред е кај нас“.
„Дваесет и седум години изгубивме. Светот виде оти една држава во срцето на Балканот, Македонија, решила да си земе судбината во своите раце и да си ги реши своите проблеми.Требаше први во ОН, ние последни,требаше први во Советот на Европа,ние последни.Мачи се за меѓународно признавање, расправај се на секој состанок и додека ние чекаме, светот си врви. Балканот се движи,Европа се движи.Патот беше поширок и порамен, сега е потесен и пострмен.Сега имаме шанса што не смееме да си ја пропуштиме.На 8 септември 1991 година сите заедно решивме Македонија да ни биде, суверена, независна, самостојна и успешна држава.Тој завет мојата генерација го доби од претходните. Наша задача е на ова парче земја, каде што имаме држава, да ја зацврстиме, да ја завериме таа независност, да го затвориме проблемот под кој што сме условно примени во ОН, со обврска да го решиме и затоа таму не викаат Поранешна Југословенска Република Македонија.Да ставиме точка на тие прашалници. Македонското прашање го решавале секогаш други, без да бидеме ние на масата. Овој пат ние бевме на масата. И што ни беше најважно. Кои сме? Македонски народ што зборува македонски јазик и тоа го афирмиравме. Не може тоа некој да ни го оспорува во Европа, во 21 век“, рече министерот Димитров.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, порача „да ја направиме Македонија европска држава, со која сите ќе се гордееме“.
„Овој е историски момент во кој Македонија ќе се дели на два периода, пред референдумот и после референдумот.Историски момент којшто се споредува и со 1944 година на создавање на македонската држава и со 1991 година,кога врз основа на принципите на визионерството и се она што имаше нашиот прв претседател Киро Глигоров,ја воспоставивме независна и суверена Република Македонија. И денеска е моментот кога Македонија треба да ја направиме дел од европското семејство и од НАТО“, истакна министерот Спасовски, денеска во Прилеп.
Трибината што се одржа на платото пред Градскиот саат во Прилеп,предизвика голем интерес кај прилепчани.