Промената на Уставот со уставни амандмани не е ни малку лесна и едноставна процедура. На предлагачот на измените, во овој случај на Владата, во два наврати и е потребно двотретинско мнозинство. Еднаш за да го отвори и еднаш за да го затвори Уставот, процедура која трае неколку месеци.
Според Уставот, одлука за пристапување кон измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Нацртот за измената на Уставот го утврдува Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и го става на јавна дискусија. Одлука за измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Измената на Уставот ја прогласува Собранието.
Деловникот на Собранието е поконкретен и детално во 10 членови ја објаснува процедурата и чекорите кои треба да се поминат за да се измени Уставот со амандмани:
- Предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија можат да поднесат претседателот на Републиката, Владата, најмалку 30 пратеници или 150.000 граѓани.
- Предлогот за пристапување кон измена на Уставот, претседателот на Собранието го доставува до пратениците и до претседателот на Републиката и до Владата, кога тие не се подносители на предлогот.
- По предлогот за пристапување кон измена на Уставот на седницата на Собранието се води претрес во целина кој може да трае најмногу десет работни дена.
- Претресот по предлогот за пристапување кон измена на Уставот во Комисијата за уставни прашања може да трае најмногу десет работни дена.
- Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието ја донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
- По донесувањето на одлука за пристапување кон измена на Уставот, Собранието со заклучок утврдува рок во кој подносителот на предлогот за пристапување кон измена на Уставот изготвува текст на нацртот на амандманите на Уставот.
- Текстот на нацртот на амандманите на Уставот со образложение, предлагачот го доставува до претседателот на Собранието кој го доставува до пратениците и до претседателот на Републиката и до Владата, кога не се предлагачи, најдоцна 30 дена пред одржувањето на седницата на Собранието.
- Претресот во Собранието се води по текстот на нацртот на секој амандман одделно и може да се дадат мислења и предлози. Претресот може да трае најмногу три работни дена по текстот на нацртот на секој амандман одделно.
- Претресот во Комисијата за уставни прашања и во Законодавноправната комисија може да трае најмногу три работни дена по текстот на нацртот на секој амандман одделно.
- Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, го утврдува нацртот на секој амандман на Уставот одделно.
- Нацртот на амандманите Собранието го става на јавна дискусија.
- Собранието определува рок за спроведување на јавната дискусија, начинот на објавувањето на нацртот на амандманите и рок во кој предлагачот како носител на јавната дискусија до Собранието поднесува извештај за резултатите од јавната дискусија и текст на предлогот на амандманите на Уставот.
- На текстот на предлогот на амандманите на Уставот, предлагачот, секој пратеник, работно тело и Владата кога не е предлагач, можат да поднесат амандмани најдоцна осум дена пред седницата на Собранието на која ќе се усвојуваат амандманите на Уставот.
- Комисијата за уставни прашања и Законодавно-правната комисија по текстот на предлогот на секој амандман на Уставот водат општ претрес и претрес по текстот, кој може да трае најмногу три работни дена.
- По текстот на предлогот на секој амандман на Уставот се води општ претрес и претрес по текстот кој може да трае најмногу три работни дена.
- Собранието се изјаснува одделно за секој амандман на текстот на предлогот на амандманите на Уставот, со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
- Амандманите за измена на Уставот се донесуваат со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Извор: МЕТА