Ципрас ја почна првата посета на грчки премиер на земјава

Ципрас ја почна првата посета на грчки премиер на земјава

Авионот со кој грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска допатува во официјална посета на Северна Македонија, придружуван од бројна делегација од 70 бизнисмени, слета на скопскиот меѓународен аеродром. Ципрас е првиот грчки премиер што дошол во официјална посета на земјава.

Авионот на грчката влада, слета околу 9.45 часот, по патека од западната страна, односно поминувајќи ги Солунска Глава и езерата Козјак и Матка.

Ципрас на аеродромот беше пречекан од вработените во амбасадата на Грција во Скопје и вицепремиерката Радмила Шекеринска.

Главната средба на грчкиот премиер ќе биде средбата со неговиот македонски колега Зоран Заев, со кого успеаја да го постигнат Преспанскиот договор, чин што надмина повеќе од 27 години спор околу името меѓу двете земји.

Делегацијата од Грција по пречекот на аеродромот во Скопје, ќе биде свечено примена со со високи државни почести на платото пред Владата. По неколку куси билатерални средби помеѓу премиерите и министрите на двете држави во Владата, ќе се одржи меѓувладина седница, а потоа и заедничка прес-конференција на премиерите Заев и Ципрас.

Покрај портата на владината зграда вчеравечер беше поставена тријазична табла, со новото уставно име на земјава, Република Северна Македонија, напишано на македонски, албански и англиски јазик, со што Владата целосно е усогласена и со Преспанскиот договор и со Законот за јазиците, за употреба на албанскиот јазик во државните институции.

Ципрас потоа ќе се ќе се упати кон парламентот на средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери, а на крајот на посетата премиерите Заев и Ципрас ќе го отворат бизнис-форумот. Грчките медиуми минатата недела јавија дека Ципрас во Скопје ќе пристигне со 70 бизнисмени.

Во официјалната грчка делегација има високи претставници на грчки компании од енергетскиот сектор, градежништвото, индустриските производи и високата технологија, кои сметаат дека постои простор за инвестиции во Северна Македонија. За време на посетата, ќе бидат потпишани билатерални договори во голем број области.

Поради посетата на земјата од страна на премиерот на Грција, Алексис Ципрас, МВР информира дека во периодот од 9.30 до 20 часот ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќајот на сообраќајниците во поширокото централно подрачје на град Скопје.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Студенти

Студентите што земаат стипендии може да ги продолжат до крајот на октомври

Аплицирањето се врши онлајн, на порталот „е-услуги“ на МОН. Рокот за продолжување на стипендиите, односно …