ЦИВИЛ: Омразата како политичко и идеолошко оружје не смее да се толерира!

ЦИВИЛ: Омразата како политичко и идеолошко оружје не смее да се толерира!

Во чест на 27 јануари, Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот, ЦИВИЛ – Центар за слобода, како организација за човекови права и слободи, ја реафирмираат Резолуцијата 60/7 на Обединетите нации и повикува на достоинствено одбележување на овој датум во јавноста, медиумите и институциите. На Холокаустот мора да му се даде заслуженото место во јавноста, образованието и политиките со кои се промовираат мирот и човековите права и слободи.

На овој ден, ние се приклучуваме кон глобалната комеморација на шест милиони жртви кои беа систематски и брутално убиени од нацистичкиот режим и неговите колаборационисти и квислиншки режими. Холокаустот е лекција за човештвото дека омразата и насилството кон различните се погубни за човештвото.

ЦИВИЛ уште еднаш нагласува дека антисемитизмот, расизмот, национализмот, ксенофобијата, омразата врз верски основи се меѓусебно поврзани и се дел од деструктивните тенденции во светот и кај нас. Поделбите и омразата против различните води кон насилство и злосторнички дела од омраза. Омразата врз етнички, верски и расни основи е заснована врз идеологии што ги оправдуваат и поттикнуваат и хомофобијата, дискриминацијата на жените, социјално ранливите категории и низа други.

ЦИВИЛ ги реафирмира повиците во целост да се почитуваат одредбите на Резолуцијата 60/7 на Обединетите нации и при ревизијата на учебниците и наставните програми, соодветно да биде застапен и Холокаустот. Тоа ја подразбира и обврската на државата да развие едукативни програми во кои ќе биде застапен Холокаустот, со цел да се спречат идни злосторства и геноцид во светот.

Во духот на споменатата Резолуција, како и основните документи на ЦИВИЛ, го користиме овој ден и како повод уште еднаш најостро да ги осудиме сите манифестации на нетолеранција, национализам, говор на омраза и насилство врз основа на етничка, верска или расна припадност, социјално потекло, политичка афилијација, сексуална ориентација или било каква друга припадност или определба.

Општество во кое се молчи за Холокаустот и во кое антисемитизмот на одделни поединци и групи се оправдува е општество во кое владее страв и деструкција. Општество во кое омразата и насилството поминуваат неказнето не може да оди напред. Омразата како политичко и идеолошко оружје не смее да се толерира!

Прочитајте повеќе

Д-р Венко Филипче средби со граѓани (2)

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ и Николоски ја губат поддршката во четворката, затоа вадат пропаднати афери стари три години

Кандидатот на СДСМ и коалицијата во изборна единица четири, денес беше помеѓу граѓаните на Прилеп …