ЦИВИЛ ги постави на едно место пријавите за кршење на човековите права и слободи во најширока смисла на зборот, говорот на омразата, лажните вести и случаите на корупција. Прегледно и едноставно, сите граѓанки и граѓани што сакаат да учествуваат во граѓанскиот мониторинг на состојбите во нивните средини и воопшто, во целата држава, можат да го сторат тоа со само неколку кликови.

Доволно е да се отвори веб страницата Граѓански објектив посветена на активизмот, граѓанското новинарство, човековите права, транспарентноста и одговорноста, во рубриката ПРИЈАВИ и да се одбере потребниот формулар. За да се олесни комуникацијата, во случај пријавувачите да се двоумат која пријава да ја одберат, доволно е да го отворат формуларот ЧОВЕКОВИ ПРАВА и да ги внесат податоците во категоријата „Друго“. Причината за тоа е едноставна, сите облици на повреда и злоупотреби се дел од темите во корпусот на човековите права и слободи.

Пријавите се драгоцени за ЦИВИЛ, за јавноста и за институциите што се посветени на заштитата на човековите права и законитоста. Сите информации ќе бидат разгледани внимателно и ќе бидат подложени на проверки. Тие ќе бидат дел од извештаите на Организацијата и од комуникацијата со јавноста и со институциите. На медиумската платформа на ЦИВИЛ, што ги вклучува веб страниците Граѓански објективЦИВИЛ МедиаЗелен ЦИВИЛ и други, секојдневно се објавуваат информации и стории за повредата на човековите права, корупцијата, дискриминацијата, говорот на омразата, лажните вести и низа други појави и случаи што се во спротивност со интересите и потребите на граѓанките и граѓаните.

Сите пријави се АНОНИМНИ, а податоците добиени од пријавите ќе бидат третирани на тој начин што, доколку се објавуваат или процесираат понатаму во институциите, ќе се обработат на тој начин што максимално ќе се заштитат изворите на информации. ЦИВИЛ има големо искуство во тоа и никогаш не ги доведува своите извори во било каква непријатна ситуација или опасност.

ЦИВИЛ ги повикува сите свои поддржувачи и членови, граѓанските новинар(к)и, активистите и сите засегнати граѓанки и граѓани да ја користат оваа можност и да помогнат во откривањето на коруптивните и противзаконските дејствија, злоупотребите и кршењето на човековите права. Воедно, очекува предлози и насоки за подобрување на форматот на пријавите, формулацијата на прашањата и областите и сѐ друго што мислат дека може да помогне во овие заеднички напори и заложби. Воедно, од Организацијата се упатува јавна благодарност за огромната доверба и поддршката што доаѓа од сите краишта на нашата земја.