Црвена панделка на сѐ оди

Пишува: Зоран Милошески

Политиката е умешност на владеењето. Со неа се занимаваат политичари. Тие, политичарите, се храбри, интелигентни и авторитативни луѓе, со јасно изграден политички став и визија, кои никогаш не се колебаат јавно да го кажат своето мислење. По правило, гледаат три чекори пред останатите, го преземаат ризикот од носење одлуки чие значење и важност не секогаш се навремено и правилно разбрани. Политичари кои во локални или пошироки рамки, оставаат неизбришлива трага и заслужуваат почит и од политичките неистомисленици, а нивното име со пиетет го споменуваат генерациите кои немале можност да бидат нивни современици.

Политиканството, пак, е дарба за манипулација со широките народни маси. Оние кои го практикуваат, а чиј број е во континуиран пораст, се чиста спротивност на политичарите: ставовите ги менуваат побрзо од чорапите, идеологијата им е непозната именка, а доследни се единствено во својата недоследност. Слаткоречиви на збор и оперирани од срам. На гласачите секогаш им го кажуваат она што сакаат да го слушнат, не двоумејќи се да ветат “мед и млеко“ во неограничени количини и на неопределено времетраење.

Покрај двете доминантни категории, постои и трета. Заради широкиот дијапазон на приврзаници и практиканти кои меѓу себе немаат никаква заедничка нишка, освен макијавелистичкиот пристап кон градењето кариера, оваа категорија нема унифицирано име. Генерално, тука спаѓаат сите оние калкуланти кои секогаш кога е густо, се декларираат како неутрални и партиски независни, со благи нијанси на експертски квалификации. Тука се и оние кои никогаш за ниедно прашање, дури и за најбаналното, не се изјасниле, а уште помалку кажале сопствен став. При секое јавно гласање, на крај на памет не им паѓало први да кренат рака, туку чекале да видат на каде “дува ветрот“ и како гласа мнозинството.

Овие третиве, недефинираниве, отсекогаш биле најинтересни за опсервација за време на избори, особено на денот на гласањето. Со однапред спремно шише виски и две панделки во различна боја – црвена и плава, денот го поминуваат пред телевизор, чекајќи го затворањето на гласачките места. Обзнанувањето на победникот, за нив значи почеток на реализација на одамна подготвеното сценарио: на вискито ја ставаат панделката со “вистинската“ боја, облекуваат свечено одело и се упатуваат кон победничкиот штаб. Со наместена намевка и видно изразена егзалтираност, се гушкаат и бакнуваат со знајни и незнајни, дури и со оние со кои до вчера се гледале преку партискиот нишан, од другата страна на барикадите. Предавајќи му го шишето со “победничката“ панделка на главниот, не штедат на зборови и комплименти за да ја искажат својата воодушевеност од “конечното доаѓање на слободата, демократијата и вистинските луѓе“.

Наравоучение: Политиката не е курва, туку професија како и сите останати. Тоа што ние, граѓаните на оваа држава, отсекогаш сме ја третирале како средство за остварување на нашите лични и/или професионални желби и амбиции, зборува за нашиот надалеку познат менталитет…на кој, кога е во прашање нашата политичка култура и едуцираност, не можеме баш многу да бидеме горди.

Прочитајте повеќе

Избори во Русија: Путин се велича и се колне во единство

Резултатот е очекуван: Владимир Путин шест натамошни години ќе остане на чело на земјата. Вистинска …