Претседателот на Финска соопшти дека Турција ја повлекла блокадата за влез на неговата земја во НАТО, заедно со Шведска, во пресрет на самитот на Алијансата во Мадрид.
Претседателот на Финска Саули Ниинисо соопшти дека лидерите на трите држави потпишале заеднички договор по разговорите во вторникот. Меморандумот „потврдува дека на самитот во Мадрид, Турција ќе ја поддржи поканата за членство на Финска и Шведска во НАТО“.
Двете нордиски земји побараа членство во Алијансата по руската инвазија врз Украина, откако претходно со децении опстојуваа на својата неутралност. Но турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го блокираше членството, инсистирајќи дека двете држави прво мора да го сменат ставот кон курдските бунтовнички групи кои Турција ги смета за терористи.
Канцеларијата на Ердоган соопшти дека Турција „го добила тоа што го сакала“ пред да дозволи членство на Шведска и Финска.
Двете земји наводно се согласиле „во целост да соработуваат со Турција во борбата против курдската ПКК“ и други милитантни групи. Шведска и Финска се согласиле и да го укинат ембаргото на извоз на оружје за Турција, кое беше наметнато како одговор на турската инвазија врз Сирија во 2019 година. Двете земји се согласија да ги забранат „регрутацијата и собирањето средства“ за курдските милитанти, и да ја „спречат терористичката пропаганда против Турција“.
Според финскиот претседател, следниот чекор е двете земји да добијат формална покана за придружува кон НАТО.
Одлуката се случува непосредно пред почетокот на самитот на НАТО во Мадрид на кој главна тема е руската инвазија врз Украина. На состанокот треба да се утврди курсот на Алијансата во следните години.