По повод Денот на народното востание 11.Октомври, денеска во спортската сала на СОУ „Кузман Јосифоски-Питу“ се одржува турнир во одбојка за жени, со учество на 5 екипи. Турнирот се одржува во организација на одбојкарскиот клуб „Феникс“ од Прилеп, а под покровителство на прилепската локална самоуправа.
Турнирот за отворен го прогласи градоначалникот Илија Јованоски, кој рече дека е задоволство да се видат ентузијасти кои работат на промоција на спортот и јакнење на спортскиот дух кај младите луѓе.
„Ако ги земеме во предвид и придобивките од здравствен аспект, сето тоа ја заокружува убавината на спортот и она што треба да го прават младите луѓе како што сте вие. Се надевам дека турнирот ќе помине во спортски дух, во спортски амбиент и дека ќе победат најдобрите. Турнирот се одржува по повод 11.Октомври, Денот на народното востание, од кое годинава прославуваме 77 години. Оваа година со Куманово ќе организираме заедничка прослава на празникот, кој е исклучително значаен за сите нас. Ќе организираме повеќе манифастации, спортски и културно-забавни и тие ќе се одржуваат во текот на целата недела“, истакна градоначалникот Јованоски.
Тренерот на женската одбојкарска екипа „Феникс“, Бојан Ристески потенцираше дека на турнирот учествуваат 5 екипи, од 5 градови на нашата држава.
„На овој турнир учествуваат екипите на ‘Пелистер волеј’ од Битола, ‘Антигона’ од Неготино, ‘Габер’ од Кавадарци, ‘Синалко’ од Крушево и домаќинот, одбојкарскиот клуб ‘Феникс’. Организатори на турнирот се локалната самоуправа и екипата на ‘Феникс’, се надеваме дека од следната година турнирот ќе биде помасовен и ќе стане традиционален“, изјави Ристески.
Основната цел на турнирот, како што истакнуваат организаторите е одржување на спортскиот дух како важен фактор во развојот на младите луѓе, како и нивна социјализација и дружење.