„Вие направивте се’ што се очекуваше од вас, но сакам да бидам искрен, не сите земји-членки се подготвени да донесат одлука за отворање преговори во наредните денови“, му соопшти претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск на Претседателот Стево Пендаровски по средбата во Брисел.
„Лично верувам дека може да има само една одлука да се отворат преговори согласно препораките на Европската комисија, и за Северна Македонија и за Албанија. Прашањето денеска не е дали, туку кога. Малку сум внимателен, бидејќи знам дека понекогаш постигнувањето консензус помеѓу 28 земји знае да трае подолго отколку што би сакал“, кажа Туск.
Тој додаде дека не сака да прејудицира со одлуките на ЕУ.
„Изминативе две години, вашата земја ги испорача сите вистински политички сигнали што ЕУ ги очекува од кандидатите. И навистина, отворањето на пристапните преговори беше во центарот на нашите разговори денеска. Да останам во рамките на мојата улога на претседател на Европскиот совет, не сакам да прејудицирам со одлуките на ЕУ“, рече Туск.
Во продолжение ви ја пренесуваме интегралната изјава на Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски на заедничката прес конференција со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск:
Почитувани претставници на медиумите,
Мојата прва меѓународна посета како Претседател на Република Северна Македонија се разбира дека има голема симболика и не е случајно одбран токму Брисел. Најмногу затоа што Европската Унија и НАТО е изборот кој го направија огромното мнозинство наши граѓани.
Во оваа прилика сакам да се заблагодарам за силната поддршка и посветеност на претседателот на Европскиот совет г. Доналд Туск и неговите лични заложби и напори за добивање на датум за преговори за пристапување на Република Северна Македонија во Европската унија.
Господине Туск, во името на сите граѓани на Северна Македонија ви благодарам.
Почитувани,
Пред само две недели го добивме најдобриот, најпозитивниот Извештај од Европската комисија за напредокот на нашата земја. Не само што добивме чиста и безусловна препорака за отпочнување на пристапните преговори, туку бевме посочени и како светол пример на Западниот Балкан.
Станавме позитивен пример на Балканот преку интензивен дипломатски ангажман со кој успеавме да решиме децениски прашања. Донесовме храбри и тешки одлуки за многу чувствителни прашања за моите сограѓани, одлуки со цел да ја отстраниме најголемата пречка во процесот на нашето зачленување и во Европската унија и во НАТО Алијансата.
Потпишувајќи ги Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и Преспанската спогодба со Грција се ослободивме од товарот од минатото. Северна Македонија е единствена држава во регионот што веќе нема отворени прашања со своите соседи. Северна Македонија редовно испорачува добри вести во регионот во изминативе две години.
Покрај решавањето на прашањата со соседите, спроведуваме суштински и темелни реформи во многу клучни области. Ја усогласуваме нашата внатрешна и надворешна и безбедносна политика со политиката на Европската унија.
Свесни сме дека се потребни уште реформи и се согласувам дека имаме слабости и дека ни претстои уште многу работа. Но, морам да истакнам една балканска политичка реалност – ние сме најефикасни тогаш кога имаме пред нас конкретни задачи. А, преговорите за членство се најдобрата реформска алатка.
Почитувани,
На крајот сакам да ве потсетам на 2016-та и улогата на мојата држава во справувањето со мигрантската и бегалската криза. Тогаш застанавме на браникот на безбедноста на Европа и заедно со успешната мисија на Фронтекс, покажавме дека сме цврсти европски партнери.
Овој јуни Европската Унија има историска можност да покаже лидерство и визија за иднината на целиот наш регион со тоа што ќе и додели датум за преговори на Северна Македонија. Нашите граѓани не бараат незаслужена награда, туку заслужена шанса за да изградиме европска држава со праведно, хумано и напредно општество.