Студенти од завршна година на факултети се бараат за да се пополни недостигот од наставен кадар по математика, или пак еден наставник мора да предава и по неколку предмети. Образованието импровизира додека факултетите остануваат без студенти кои се заинтересирани за наставничката работа.
Учениците од шесто и седмо одделение во О.У. „Аврам Писевски“ во Скопје од почетокот на учебната година немаат настава по математика, бидејќи училиштето со месеци не може да најде наставник по овој предмет.
Откако претходната наставничка заминала на породилно отсуство уште во април, училиштето се обидува, но не може да најде замена.
На огласите за вработување не се јавува никој, а другата вработена наставничка по математика, освен овој предмет веќе предава и физика и фондот на часови и е целосно пополнет.
Во меѓувреме, учениците часовите по математика ги пополнуваат со други наставни содржини. Двете деца на поп-пејачката Адријана Јаневска одат во ова училиште и таа за РСЕ кажува како се снаоѓаат.
„Во моментов немаат настава по математика, тоа време што е предвидено за часот по математика се пополнува со други наставни содржини и предмети, но математика немаат. Јас се надевам дека во скоро време ќе се најде некое решение“, вели Андријана Јаневска, која е и претседател на Советот на родители.
Јаневска додава дека родителите заедно со менаџментот на училиштето се обидуваат да најдат решение. Пробуваат да најдат и студенти од завршна година од факултетите кои би го предавале предметот, но одзив нема дури и од нив.
„Ние заедно со директорката пробуваме да најдеме разни законски начини за децата да не губат настава, но тоа е невозможно затоа што ова е системски проблем кој со години се провлекува и едноставно и самите сме свесни дека има недостаток од овој кадар. На студиите на Природно математичкиот факултет (ПМФ) нема доволен број студенти и по автоматизам како што поминува времето се подразбира дека ќе нема кадар. Во последно време се предлага да може да предава и некој студент од техничките факултети. Се надевам дека ќе се најде некое решение““, додава Јаневска.
Проблемот не е само во ова училиште. Недостиг од наставен кадар особено по предметите математика, физика и хемија има и во многу други училишта.
Директорот на основното училиште „Саид Најдени“ во Дебар вели дека често пати еден наставник мора да предава и по неколку предмети за да се пополни „дупката“ во образовниот процес.
„Еден наставник има поголем фонд на часови и ако немаме друг избор ги вклучуваме наставниците по физика и хемија бидејќи тие имаат знаења за математиката. Секако дека тоа е оптоварување за наставникот, но разбираат дека сме принудени тоа да го правиме“, вели директорот Казиу.
Огласи за вработување има – никој не се пријавува
Во Агенцијата за вработување (АВРМ) има десетици огласи за вработување на наставници кои се отворени.
Се бараат наставници по математика, физика, информатика и физичко образование најчесто во основните училишта.
Основната плата во некои училишта е 18.000 денари, а во други 24.761 денари.
Математичарите не се заинтересирани да работат како наставници
На природно математичкиот факултет (ПМФ) со години наназад бројот на студенти кои се запишуваат на наставните програми на математика, физика и хемија е мал, а трендот останува непроменет.
Бројката на студенти со сигурност укажува дека професијата наставник не е атрактивна за младите, смета деканот на ПМФ, проф. Александар Скепаровски.
Особено драстично опаѓа бројот на студенти кои се запишуваат на студиските програми од каде потоа се регрутира наставниот кадар по математика и физика во основните училишта. Од 2020-та година навака на овие студии се запишува само по еден студент.
Извор: Радио Слободна Европа
Целиот текст ТУКА