Рокот за потврдување или корекција е до 31 мај
Управата за јавни приходи (УЈП) ги информира сите граѓани дека е завршено генерирањето на Годишните даночни пријави (ДЛД-ГДП) за приходите остварени во 2024 година. Оваа година се изготвени 841.671 даночна пријава, што е за 6% повеќе во однос на минатата година.
Сите регистрирани на системот „е-Даночни услуги“ треба најдоцна до 31 мај 2025 година да ја проверат својата пријава, која е достапна на нивниот кориснички профил. Доколку податоците се точни, пријавата треба да се потврди, а ако има потреба од промени, истата може да се коригира. По истекот на рокот, неподнесените или непотврдените пријави автоматски ќе се сметаат за конечни.
Во случај да има обврска за доплата на данок, ќе се генерира налог за доплата, а доколку е платен повеќе данок, граѓаните можат да поднесат барање за враќање на средствата преку самата пријава. За сите кои сè уште не се регистрирани на „е-Даночни услуги“, УЈП апелира тоа да го сторат што е можно побрзо за да ги исполнат своите законски обврски.
За дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат на info@ujp.gov.mk или на телефонските броеви на Контакт центарот на УЈП.
Не го чекајте последниот момент – проверете ја и потврдете ја Вашата годишна даночна пријава навреме!