Најмалку 32 лица загинаа, а уште 100 се повредени во еден од најтешките руски воздушни напади врз Украина, соопштија во средата украинските власти. Претседателот Володимир Зеленски нападите ги оцени како едни од „најподлите напади”.
Најтешки последици имаше во градот Прилуки во северниот регион Чернихив, каде руска ракета уништи петкатна станбена зграда. Според регионалниот гувернер Вјачеслав Чаус, таму загинале 20 лица, меѓу кои и пет деца.
Според Зеленски, Русија во текот на претходната ноќ истрелала 70 ракети и десетици јуришни дронови „Шахед” кон Украина.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека неговите сили извеле „масовен удар” врз објекти од воено-индустрискиот сектор. Меѓу целите биле постројки на украинската воена компанија „Фајер Поинт”, која произведува крстосувачки ракети и беспилотни летала.
Според руските власти, цел на нападите биле и пристанишната и бродоградбената инфраструктура во црноморскиот регион Одеса, како и брод што превезувал воени материјали кон тој регион.
Предизвик остануваат балистичките ракети
Украинските воздухопловни сили соопштија дека успеале да пресретнат повеќе од 80 проценти од соборените дронови.
Сепак, Зеленски нагласи дека најголем предизвик и натаму претставуваат руските балистички ракети. Тој повторно повика на испорака на дополнителни системи за противвоздушна одбрана „Патриот”.
Според него, тоа се единствените оружени системи во украинскиот арсенал способни да пресретнуваат вакви ракети. Во меѓувреме, светските залихи од овие системи се намалени поради војните во Иран и во Украина.
Зеленски го поврза нападот со роденденот на Путин
Зеленски потсети дека нападите се случиле на роденденот на рускиот претседател Владимир Путин.
„Тоа е вид роденденски подарок што Путин си го направил самиот на себе: убивање деца, убивање луѓе”, изјави Зеленски во своето вечерно видеообраќање.
Тој додаде дека украинските сили во изминатите 24 часа погодиле четири цели на руска територија, меѓу кои и две нафтени постројки.
Украина во средата доби и нова финансиска помош од Европската Унија во висина од 1,2 милијарди евра.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место