Украина

Украина: „Денешниот ден ќе биде најтежок“

Руските трупи напредуваат во насока на Киев. Украинската влада смета со можен тенковски напад врз Киев во текот на денов. Претседателот Зеленски ја обвинува Русија дека напаѓа и цивилни цели.

Русија, според украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, го гаѓа Киев со ракети. Кулеба изутринава на Твитер напиша: „Ужасен руски ракетен напад врз Киев. Последен пат нашиот главен град има доживеано вакво нешто во 1941 година, кога беше нападнат од нацистичка Германија.“


Според изјави на сведоци, во центарот на Киев изутринава се слушаат експлозии. Антон Геранченко, советник во украинското Министерство за внатрешни работи, на Телграм напиша дека нападите со ракети врз Киев продолжуваат и дека тој слушнал „две експлозии“. Геранченко тврди дека украинската армија погодила непријателско летачко тело чии остатоци потоа погодиле деветкатна зграда, која се запалила. Ваквите наводи, како и многу други од страните вклучени во конфликтот, во моментов немаат потврда од независни извори.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата влада има информации оти субверзивни групи сакаат да навлезат во Киев. Украинската армија јавува за тешки борби во Иванкив, на околу 60 километри од Киев. Борбите продолжуваат на стратешки важниот аеродром Гостомел, северозападно од Киев, јави украинскиот генералштаб. Се јавува за уништен мост и се претспоставува дека руските трупи сакаат да влезат во Киев од северната страна. Русија веројатно планира да се пробие во Киев со тенкови од Иванкив и Чернихив, напиша Геранченко на Телеграм. Дел од тенковите биле погодени од ракети, тврди советникот во украинското МВР и оценува: „Денешниот ден ќе биде најтежок.“

Ukraine | Ukraine Krise | steth vor den Trümmern ihres HausesНатали Севриукова од Киев пред нејзината зграда, оштетена во ракетен напад во текот на изминатата ноќ

Во меѓувреме, украинскиот претседател Зеленски потпиша декрет за општа мобилизација. Тој има важност од 90 дена. Освен тоа, машките граѓани на Украина на возраст помеѓу 18 и 60 години веќе не смеат да ја напуштаат земјата. Зеленски соопшти дека вчера во земјата биле убиени 137 украински цивили и војници, а повредени се стотици. За руските напаѓачи тој рече: „Убиваат луѓе и претвораат цивилни цели во воени. Тоа е срамно и никогаш нема да биде простено.“

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Трамп пред суд: Прв кривичен процес против екс-претседател

Трамп пред суд: Прв кривичен процес против екс-претседател

За првпат во американската историја денеска почнува кривичен судски процес против еден поранешен американски претседател. …