Украина: Избори во воени услови - само ако е безбедно

Украина: Избори во воени услови – само ако е безбедно

Откако американскиот претседател Доналд Трамп му замери на украинскиот колега Володимир Зеленски што не организирал претседателски избори во Украина, темата повторно се најде во центарот на вниманието. „Тие војната ја користат за да не одржат избори, но мислам дека украинскиот народ…треба да има можност да гласа. Можеби Зеленски би победил“, рече Трамп во неодамнешното интервју за „Политико“, додавајќи дека е време Украина да одржи избори бидејќи „немале долго време“. Трамп наведе и дека ситуацијата се приближува „до точка во која веќе не е демократија“.

Зеленски: Украина ќе одржи избори ако е безбедно

„Ова е прашање за народот на Украина, а не за луѓе од други земји. Со сета должна почит спрема нашите партнери“, рече украинскиот претседател за време на онлајн брифинг, одговарајќи на прашањето дали САД вршат притисок врз Украина да одржи избори. Тој рече и дека би бил подготвен за тоа, ако меѓународните партнери може да осигураат безбедни услови. „Сега барам од САД заедно со европските колеги, ако биде потребно да ми помогнат да обезбедам сигурност за одржување на изборите, а потоа Украина во рок од 60 до 90 дена ќе биде подготвена да ги одржи. Јас лично имам волја и подготвеност за тоа“, рече претседателот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во просторија со богато украсени ѕидови
Зеленски: Избори само ако има мир

Зеленски додаде дека мора да се решат неколку прашања за да се одржат изборите – како заштита од непрекинатото руско гранатирање и да се овозможи и украинските војници да гласаат. Друг проблем, додаде Зеленски, е правната основа за легитимност на гласањето и рече дека ќе побара од членовите на украинскиот парламент да подготват предлози што би овозможиле измени во изборното законодавство за одржување избори во воена состојба.

„Прво мир, па избори“

Украинскиот парламент одамна јасно стави до знаење дека избори за време на војна се невозможни, вели Евгенија Кравчук, заменик-претседателка на парламентарната група „Слуга на народот“, која има мнозинство во парламентот. Таа додава дека прекинот на огнот и стабилниот мир се предуслови за одржување нови избори. „Изборите не се само денот на гласањето, кога сите ќе дојдат и сè магично ќе се заврши. Да не зборуваме за тоа дека секој ден и секоја ноќ стотици дронови и ракети летаат кон Украина, уништувајќи ја инфраструктурата, вклучително и места на кои би можеле да се одржат избори. Постојат закани по живот, прекини на електричната енергија, а милиони луѓе на фронтот очигледно нема да ги напуштат своите позиции за да водат кампања или да гласаат“, посочи Кравчук на украинската национална телевизија. „Прво мир, па избори“, пиша Олексиј Гончаренко, опозициски пратеник на партијата Европска солидарност, на Телеграм.

Уништена железничка станица во Фастов, Украина
Уништена железничка станица во Фастов – Како да се организира кампања и проток на гласачи во воени услови?

Легитимни избори без прекин на огнот?

Олексиј Кошел, претседател на невладината организација Комитет на гласачи на Украина, напоменува дека има нерешени прашања како организирање на гласањето во странство, ажурирање на изборниот список и овозможување на гласањето за внатрешно раселените лица, а најважно од сѐ според него е како да се обезбеди право на глас и можноста за кандидирање за функции на воените лица. Темата за избори пред ставање крај на непријателствата и потпишување мировен договор претставува дополнителна алатка за притисок врз Украина – од Русија и некои меѓународни партнери, предупредува Кошел и додава дека доколку изборите станат дел од преговорите, Русија ќе стори сè за да ги попречува, или да ја намали излезноста. „Изборите бараат вистински чекори и време“, оценува Кошел за ДВ. „Потребни се години за да се решат клучните прашања. Вклучувањето на избори во мировните преговори е сериозна закана која директно ѝ оди во прилог на Русија. Постои реален ризик од масовни лажни дојави за закани со бомби на гласачките места, сајбер напади и мешање. Тешко е целосно да се нарушат изборите, но да се намали излезноста за подоцна да се тврди дека власта е нелегитимна – во тоа Русија е многу добра“, посочува Кошел.

Украинскиот устав забранува избори за време на војна

Андриј Махера, експерт за уставно право при Центарот за политика и правна реформа и поранешен заменик-претседател на Централната изборна комисија на Украина, нагласува дека изборите не можат да се одржат за време на воена состојба бидејќи уставот експлицитно ги забранува тоа, а не може ниту да се менува во таква ситуација. Затоа, изборите ќе бидат можни дури откако ќе се потпише мировен договор, војната ќе заврши и ќе се укине воената состојба. Тој додава дека изборите ќе се сметаат за легитимни, само бидат спроведени во согласност со меѓународните демократски стандарди – кога гласачите можат слободно да ги формираат своите мислења без страв или присила, вклучително и страв предизвикан од војна, и слободно да ја изразат својата волја на гласачките места. „Доколку украинските избори не се одржат во согласност со меѓународните стандарди, нивното признавање ќе биде доведено во прашање и дома и во странство. Токму тоа и го сака Путин. Тој ќе биде првиот што цинично ќе тврди дека не ги признава изборите затоа што не се правилно одржани – иако тој ќе испалува ракети врз гласачките места“, вели Махера.

Претседателите на САД и на Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин на фотографија во крупен план додека разговараат
Притисокот врз Киев, „масло“ на Кремљ? Трамп и Путин

Притисок врз Трамп од Русија?

Украинските експерти сметаат дека Русија го поттикнува Трамп да врши притисок врз Украина да одржат избори пред крајот на војната, надевајќи се дека ќе ја дестабилизира земјата и дека ќе постигнат мировен договор со претседател кој потенцијално би бил во поголема мера попустлив. Политичкиот аналитичар Микола Давидјук тврди дека барањето на Трамп за избори во Украина ги игнорира реалните прилики и уставните ограничувања. Тој нагласи дека изборите се исклучиво внатрешно прашање и не може да бидат диктирани од странство.

Во коментар за ДВ, Давидјук посочува на двојните аршини во однос на демократијата, имено дека „ако Трамп бара избори од Украина, зошто не го бара истото и од Русија? Зошто не се погрижи луѓе како [опозицискиот политичар и шаховски велемајстор Гари] Каспаров и други опозициски фигури да може да учествуваат на руските избори? Зошто само Путин? Зошто нас нè обвинуваат дека шест години не сме имале избори, кога Русија немала вистински избори веќе 20 години – и тоа изгледа никому не му пречи?“ За Давидјук барањето за одржување избори во време на воена состојба е само обид за зголемување на притисокот врз , и начин за ослабување на Украина во пресрет на мировните преговори.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

САД ги замрзнуваат сите процеси на издавање визи за 75 земји, вклучувајќи ја и Македонија

САД ги замрзнуваат сите процеси на издавање визи за 75 земји, вклучувајќи ја и Македонија

Стејт департментот ја паузира обработката на имигрантски визи за 75 земји во обид да се …