Украински тинејџер прогласен за „глобален студент на годината“ поради иновација за откривање на мини

Украински тинејџер прогласен за „глобален студент на годината“ поради иновација за откривање на мини

Развој на беспилотно летало што открива поставени нагазни мини е иновацијата поради која 17-годишниот украински тинејџер Игор Клименко ја доби наградата од 100.000 долари и се стекна со титулата „глобален студент на годинава“, пренесува весникот „Ивнинг стандард“.

Младиот талент од Украина успеа да победи во конкуренција меѓу повеќе од 7.000 студенти од целиот свет, а престижната награда му беше доделена во Њујорк.

Игор, кој е роден во Кијив, по почетокот на руската агресија се преселил на село за да ја заврши последната година од неговото средно образование. Истовремено, тој работел на конструирањето на дронот за откривање мини, на кој работи веќе осум години.

Од почетокот на војната во Украина, младиот Игор одржува и онлајн часови по математика и физика за своите врсници.

„Планирам да го искористам најголемиот дел од парите за да го развијам мојот уред и да ми помогне да го покренам прашањето за нагазните мини на глобално ниво. Исто така, би сакал да искористам дел од нив за да им помогнам на другите украински студенти да го продолжат своето образование“, изјавил Игор Клименко за весникот „Ивнинг стандард“.

Иновативниот дрон веќе има добиено два официјални патента во Украина, а Игор откако го заврши своето средно образование се преселил во Канада за да студира на Универзитетот во Алберта.

„По студирањето во Канада, ќе се вратам во Украина за да помогнам во обновата на мојата земја“, вели Игор.

Инаку, глобалната студентска награда Chegg.org се доделува еднаш годишно на исклучителен студент којшто извршил вистинско влијание врз учењето, животите на неговите врсници и општеството. Наградата му беше доделена на состанокот на Глобалната иницијатива Клинтон, кој се одржа за време на неделата на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.

Игор во моментов работи на усовршување на дронот со додавање нови технологии – прскање со боја за да се означи локацијата на мината и користење на вештачката интелигенција за да се идентификува типот на нагазна мина и најдобриот начин на дејствување за нејзино безбедно отстранување.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

тенк тенкови

Израелски воздушни напади врз Сирија, Израел негира дека тенковите одат кон Дамаск

Израелските одбранбени сили за Би-би-си негирале дека нивни војници залутале на сириска територија и велат …