Пишува: Анета Неданоска, дипломиран воспитувач
Периодот на раното детство е време кога развојот на сите вештини кај детето е многу интензивен. Во овој период се развиваат социо-емоционалните, когнитивните и моторичките вештини. Но, многу е важно кај детето да се развие и емоционалната интелигенција, затоа што таа е од суштинско значење за здрав и оптимален развој. Секое дете кое ќе развие висок степен на емоционална интелигенција понатаму во животот ќе може лесно да ги препознае, идентификува и искаже своите чувства – јас сум среќен/а, тажен/а, лут/а – но исто така ќе биде способно да ги разбере и чувствата на другите и да се справи со нив.
Ние воспитувачите и негователите во предучилишните установи, играме непроценлива улога во целокупниот развој на детето, вклучително и во развојот на емоционалната интелигенција. Предучилишниот период е време кога личноста на детето активно се обликува, бидејќи во оваа фаза ги стекнуваат првите сознанија за себе, за другите и за светот околу нив. Преку интеракција со воспитувачите, негователите и другите деца се развиваат нивните први социјални врски, што е основа за градење на нивната емоционална стабилност.
Емоционалната интелигенција е вештина што не се стекнува спонтано, туку потребни се водство, поддршка и примери. Токму ние сме оние кои секојдневно им го овозможуваат тоа на децата.
Децата многу често им се восхитуваат на оние што ги сакаат, а ние воспитувачите и негователите, често сме високо на таа листа, веднаш по родителите. Токму затоа, децата го имитираат нашето однесување.
Преку нашето однесување, ги учиме децата на вредности како: почит, трпение и сочувство. Кога детето се соочува со лутина или тага, ние сме тука за да му помогнеме да ги препознае и именува тие емоции, да ги изрази на здрав начин и да најде решение за она што го мачи.
Ние знаеме дека децата полесно учат преку искуство и интеракција. Затоа, преку своето трпение, разбирање, емпатија и реакција во различни ситуации, ја развиваме емоционалната интелигенција на децата. Ова го правиме и со насочени активности, како сценски игри, приказни и раскази, каде децата се групираат или работат во парови. Овие активности создаваат ситуации во кои децата се соочуваат со конфликти и недоразбирања, или се ставаат на местото на друго дете. Притоа, децата се поттикнуваат да размислат како би ја решиле ситуацијата и како би се чувствувале во кожата на другото дете.
Преку овие активности децата учат како да ги препознаваат емоциите и како да реагираат, но и дека успехот не зависи само од нив, туку и од помошта и разбирањето на другите.
Нашата работа како воспитувачи и негователи не е лесна. Ние сме одговорни за тоа какви личности ќе бидат децата во иднина, затоа што иако не се свесни за тоа, ние имаме огромно влијание врз нив. Секојдневно се трудиме да ја развиваме емоционалната интелигенција, водени од мислата дека не сите деца доаѓаат од семејства каде добиваат емоционална поддршка.
Фред Роџерс рекол: „Не можеме да ги научиме децата на емпатија со зборови, туку со тоа како ги третираме – со љубов, разбирање и трпение“.
Воспитувачите и негователите сме тие кои, со љубов и посветеност ги обликуваме децата да станат личности коишто ќе можат да ги препознаат, искажат и контролираат своите емоции, знаејќи дека само емоционално зрел човек е добар човек.