УНЕСКО внимателно ја следи состојбата на Охридското Езеро, но дали ќе биде ставен на листата на светско културно наследство во опасност за РСЕ изјавија дека ќе одлучуваат во јули 2025. Жителите на Охрид и екологистите предупредуваат дека и натаму претераната урбанизација, преоптоварениот колекторски систем и загадените реките го уништуваат Охридското езеро.
Во јули 2025 година Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО) повторно ќе го разгледува статусот на Охридското езеро како светско и културно наследство, најавија од УНЕСКО во одговор за Радио Слободна Европа (РСЕ), додека жителите и екологисти постојано предупредуваат дека претераната урбанизација, преоптоварениот колекторски систем и загадувањето на реките го уништуваат езерото.
„Најмалку од 2017 година, состојбата на природното и културното наследство на Охридскиот регион е загрижувачка за Комитетот за светско наследство, особено поради влијанието на човековите активности и развојните проекти. Затоа, локацијата е предмет на внимателно следење од страна на УНЕСКО и експертите на неговите советодавни тела, што вклучува доставување чести извештаи од државите членки за состојбата на зачувување на локацијата“, велат од УНЕСКО за РСЕ.
Екологистите и жителите сведочат дека во Охридското езеро продираат води од септички јами, полски клозети, фарми и депонии, но и од цевките на десетици ресторани, хотели и приватни резиденции неповрзани на колекторскиот систем. Тоа влијае езерото забрзано да ги губи популациите на риби, полжави и други ендемски видови стари милиони години.
„Секогаш е црвено, жолто, кафеаво и така натаму. Значи, од сите страни што доаѓаат реки, се загадени. Јас еве три или четори години не се капам, немам доверба во водата, не е чиста. Гледам секаде фекалии, и тоа долги години“, изјави Ташко Н., жител на Охрид, за РСЕ.
Загриженост кај Комитетот за светско наследство
Во септември 2023 година, Комитетот за светско наследство побара заедничка мониторинг мисија која беше спроведена од Центарот за светско наследство во март 2024 година. Извештајот на мисијата уште не е објавен, но од УНЕСКО велат дека е во завршна фаза. Тој треба да обезбеди целосна проценка за тоа колку се спроведени претходните препораки и може да формулира и нови препораки доколку е потребно.
И од сесијата во Њу Делхи, Индија, Комитетот за светско наследство повторно изрази „континуирана загриженост“ за состојбата на Охридското езеро и ги повтори препораките и барањата.
За македонската страна, меѓу нив се: суспендирање на деталните урбанистички планови и на плановите за локален развој надвор од населени места додека не се направи оценка како ќе влијаат врз средината, да се почитуваат препораките за генералните урбанистички планови за Охрид и за Струга, системски да се испитаат негативните влијанија од дивоградбите и да се ублажат преку нивно остранување целосно или во делови…
На прашањето на РСЕ дали УНЕСКО би можел да го избрише Охридското езеро од списокот на светско културно наследство, од организацијата велат дека тоа никогаш досега не било разгледувано како опција. Комитетот за светско наследство може да одлучи да го запише на списокот на светско наследство во опасност, што дава дополнителни можности за техничка и финансиска помош и за меѓународна соработка.
Само како последно средство, ако нема слух за препораките, Комитетот за светско наследство може да размисли да го отстрани имотот од списокот на светско наследство.
„Ова е исклучително ретка ситуација: во огромното мнозинство на случаи се наоѓаат соодветни решенија“, велат од Комитетот.
Загриженост кај екологистите и експертите
Ако се продолжи со нови планови за урбанизација, кои се во ранливи подрачја како Студенчишко блато или други атрактивни делови на Охридското крајбрежје, пак би можеле да добиеме „жолт картон“ од страна на УНЕСКО бидејќи крајбрежниот појас нема неограничено место за ширење“, рече Ѓоко Зороски од Здружението „Екотуризам 2016 Охрид“ во изјава за РСЕ.
Златко Лефков, професор на Институтот за билогија, предупреди дека полека но сигурно, Охридското езеро го губи статусот на едно од најзначајните светски езера.
„Ова езеро е прогласено за заштитено подрачје од страна на УНЕСКО пред се поради неговите природни карактеристки, а тоа е присуството на голем број ендемски видови и на реликтни видови. Ако ги изгубиме, автоматски тоа езеро станува обично езеро и немаме потреба од некаква заштита“, изјави Лефков за РСЕ.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, најави тотална реконструкија на колекторскиот систем во наредните три до четири години.
Охридското езеро, најстарото езеро во Европа, повеќе од 40 години е на мапата на УНЕСКО како светско природно и културно наследство. Тоа е дом на околу 200 уникатни видови, вклучувајќи и ретки видови пастрмка.
Mакедонската страна на Охридското Езеро беше прогласена за светско наследство во 1979 година, а во мај 2019 година, УНЕСКО ја прошири ознаката и на албанската страна на езерото.
Извор: РСЕ