Унгарија се соочува со промена на власта: По пребројување на речиси 99 проценти од гласовите од парламентарните избори, партијата Тиса на опозицискиот лидер Петер Маѓар има огромна предност пред партијата Фидес на премиерот Виктор Орбан. Како што соопшти изборната комисија, проевропската Тиса согласно привремените нецелосни резултати добива 138 мандати во парламентот од 199 места. Со тоа, таа би обезбедила и двотретинско мнозинство во унгарскиот парламент кое изнесува 133 мандати. Само со двотретинско мнозинство Маѓар би можел да спроведе далекусежни реформи. Бидејќи многу закони не можат да се изменат со просто мнозинство — како изборниот закон, правилата за државјанство, клучни аспекти од пензискиот систем, даночната регулатива и изборот на претседател.

Маѓар: „Го ослободивме унгарскиот народ“
Маѓар доцна навечер изјави дека, со оглед на силниот мандат, смената на власта ќе протече мирно и без проблеми. „Заедно го симнавме Орбановиот систем, заедно го ослободивме унгарскиот народ“, рече тој пред десетици илјади воодушевени поддржувачи на брегот на Дунав во Будимпешта. „Денес победивме затоа што Унгарците не прашаа што може нивната татковина да направи за нив — туку што тие можат да направат за својата татковина“, додаде тој. „Вие го најдовте одговорот. И постапивте така.“ Маѓар вети дека Унгарија повторно ќе биде силен партнер во ЕУ и НАТО.
Орбан: „Болен резултат“
Унгарскиот премиер Орбан го призна поразот на неговата партија. Тоа е „болен“ изборен резултат, изјави Орбан, чиј мандат завршува по 16 години. „Не ни беше доверена одговорноста и шансата да продолжиме да владееме. И честитав на победничката партија“, додаде тој.

Гласањето се сметаше за најважната изборна одлука од демократската транзиција во 1989/90 година. Орбан, во неговото владеење од 2010 година, ја трансформираше Унгарија во насока на „нелиберална демократија“, ја доведе земјата во конфронтација со ЕУ и воспостави блиски врски со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој одржуваше и добри односи со рускиот претседател Владимир Путин.
Во ЕУ, Орбан со своите ветa блокираше важна помош за Украина, нападната од Русија. Со тоа, Унијата ја доведе до раб на нефункционалност. Поради прекршувања на принципите на владеење на правото, ЕУ замрзна милијарди евра помош што ѝ следуваа на Унгарија. Опозицискиот лидер Маѓар најави дека ќе следи прозападен курс и ќе ја направи Унгарија доверлив партнер во НАТО и ЕУ.
Изборниот ден беше обележана со рекордно висока излезност. Половина час пред затворањето на избирачките места, 77,8 проценти од граѓаните со право на глас веќе ја имаа дадено својата одлука, соопшти изборната комисија во Будимпешта. Четири години претходно, во истиот момент, излезноста изнесуваше 67,8 проценти.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место