Регистрацијата на компанијата е завршена, а со формирањето на оваа компанија, 4iG Group има за цел што поскоро да влезе на телекомуникацискиот пазар во Северна Македонија, стои во соопштението
Унгарската телеком-компанија „4иГ“, која по смената на власта изрази желба да стане трет мобилен оператор во државава, неделава отворила фирма во Скопје под називот „Оне Македонија телекомуникации“. Основните информациите за фирмата ги објави денеска Централниот регистар на својот сајт, објави Призма.
Компанијата е регистрирана на адресата на адвокатската канцеларија, „Михајлоски & Поповска“, каде коосновач е адвокатот Александар Михајлоски, познат како член на владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ.
Оваа вест ја потврдија и од компанијата, преку соопштение до јавноста.
„По неколку успешни аквизиции во Албанија и Црна Гора, 4iG Group започна со подготовки за влез на пазарот во Северна Македонија, со основање на подружница „Оне Македонија телекомуникации“. Со одлука на Одборот на Групацијата донесена минатиот петок, новата компанија ќе биде основана од Antenna Hungária Zrt., дел од 4iG Group, под којашто е телекомуникациското портфолио на инфо-комуникациската групација во Унгарија и во Западен Балкан. Регистрацијата на компанијата е завршена, а со формирањето на оваа компанија, 4iG Group има за цел што поскоро да влезе на телекомуникацискиот пазар во Северна Македонија“, стои во соопштението.
Со завршувањето на процесот на регистрација на компанијата, за иден извршен директор на Оне Македонија телекомуникации е назначен Тамаш Табори кој е заменик извршен директор одговорен за телекомуникациска стратегија во унгарската матична компанија.
„Посветени сме да влеземе на македонскиот телекомуникациски пазар со истата посветеност и иновациите што ги донесовме во Албанија и Црна Гора. Основањето на ONE Macedonia Telecommunications е нашиот прв значаен и опиплив чекор кон станување главен телекомуникациски провајдер во Северна Македонија“, изјави Тамаш Табори, извршен директор на ONE Macedonia Telecommunications и заменик извршен директор одговорен за телекомуникациска стратегија во 4iG Nyrt.
Минатата година истражувачкиот портал „Директ 36“ објави долга сторија за компанијата „4иГ“ под името „Тајната историја на омилената компанија на Виктор Орбан“.