Унгарски „чардаш“ во предвечерието на изборите

Унгарски „чардаш“ во предвечерието на изборите

Пишува: Зоран Милошески

Ако не бил по нивни кејф, мицковци немало да ги признаат резултатите од пописот, туку ќе започнеле со акција за собирање на потписи за донесување на нов предлог-закон, со кој ќе се поништел оној кој штотуку влезе во собраниска процедура.

Ете тоа ни се случува во нашата жална државичка – партијата продолжувач на традициите на криминалното здружување, која е против ЕУ и НАТО, против договор со Грција и Бугарија и која сака да ги диктира правилата на игра и кога е во опозиција, сега е и против закажаниот попис, прв после скоро 19 години.

Ама, вината за нивното „ем шуто, ем боде“ однесување, лежи на друго место. Да важеше онаа народната „Не прави го злосторството за кое ја служиш казната“, денес политичката прагма на раководството од „Белата палата“ ќе беше многу поразлично од онаа која ја манифестираат. Конкретно, ако виновниците за политичката одлука за прекинување на пописот во 2011 година и за фрлените „во бунар“ близу 14 милиони евра, ја добиеја заслужената казна, ставот на опозицијата по однос на претстојниот попис ќе беше многу пофлексибилен и поконструктивен.

Станува се’ поочигледно дека методите со кои најголемата опозициска партија се обидува да се дигне од пепел и да стане политички „фактор“, прераснуваат во сериозна пречка по нормалното функционирање на институциите и, генерално, државата. Како одминува времето и наближуваат изборите, недостигот на креативност за време на целиот опозициски мандат, ДПМНЕ ќе го компензира со примена на радикални мерки. Притоа, она кое што последно ќе им падне на памет на мицковци, е внатрешната безбедност во земјата и опасноста меѓупартиските конфронтации да прераснат во насилни конфликти. Не само што тоа нема да ги загрижи, туку подгревањето тензии и долевањето масло на огнот, ќе биде оној неформалниот и прикриен дел од нивната изборна понуда.

Впрочем, вчерашните обид да се инсценира судир на полицијата со жителите на Вевчани, е најдобра потврда дека не постои „долен праг“, не постојат никакви „црвени линии“ кои Мицко не е спремен да ги погази и избрише. Се’ во функција на купување ден повеќе во партиската претседателска фотелја, од каде срамежливо фрла поглед кон премиерскиот кабинет.

Така ќе биде се’ додека некадарниот „асистент на татка“ игра унгарски „чардаш“, проткаен со ендемска националистичка кореографија. Односно, се’ дури Мицкоски ја има улогата на марионета во рацете на Груевски, јазот помеѓу и онака раскараниот и поделен народ само ќе се продлабочува.

Тешко е да се сфати дека сеуште постојат такви кои ја минимизираат инволвираноста на Грујо во креирањето на актуелните политики во ДПМНЕ. Ако тоа што на предлог на мицковци, за претседател на ДИК е избран Александар Даштевски не им е доволен аргумент за елиминирање на сите дилеми дека најголемиот клептоман во нашата понова историја е мирудија во секоја манџа подготвена во арамиското гнездо, тогаш бадијала е секој понатамошен муабет.

Оти, да се потсетиме, станува збор за Александар Даштевски кој непосредно после промената на власта изјави дека „нештата во државата брзо ќе се сменат и на секој реваншизам ВМРО-ДПМНЕ ќе одговори со двоен реваншизам“. Тоа е истиот оној Даштевски, кој од позиција на прв човек на Комисијата за заштита од дискриминација, го прогласи Груевски за жртва на политички прогон, што подоцна беше клучен аргумент чедото на мајка Нада да добие азил во Унгарија.

Во комбинација со веќе чуеното „ги продадовте името и идентитетот“ и обелоденувањето на глупостите на корумпираните позициски директори, тоа отприлика е сценариото според кое опозицијата ќе ја спроведе операцијата „Локални избори 2021“.

Сепак, и покрај сите аномалии, пропусти, објективни и субјективни слабости во практикувањето на власта, кога се во прашање локалните избори, сите карти се во рацете на СДСМ. Оти раководењето со државните и локалните институции претставува огромен потенцијал кој, доколку правилно се насочи, значи голема предност во однос на политичкиот противник.

Но, истовремено, лошото менаџирање на институциите и извиканите кадровски решенија, можат да ги однесат работите во сосема спротивна насока и да значат „камен во чевелот“ и на Заев, но и на сите кандидати за градоначалници во изборната трка.

Време за расчистување со таквиот багаж има се’ помалку. Токму затоа, кога станува збор за клучниот фактор за претстојните избори, кадровската политика, Заев, Николоски и Спасовски мора да ја сменат стратегијата и од „трипати мери, еднаш сечи“, да преминат на попрактичната „прво пукај, после викај ‘стој’“.

Оти, како се покажаа ‘директориштата’, со должна почит кон исклучоците, шансата да згрешат е – минимална.

Прочитајте повеќе

Мицкоски ќе нѐ качува на платформа

Мицкоски ќе нѐ качува на платформа

Зошто партиите непотребно прават предизборни програми, принудени да лажат, кога имаат готова програма? Треба само …