Пропаѓањето на тендерот ќе го одложи процесот за дополнителни два месеци
Изградбата на Униврзалната сала во Скопје заглави во тендерските постапки. Како што информираше денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков тендерот за изведувач на Универзална сала пропаднал и идната недела ќе мора повторно да биде објавен, што веројатно ќе го одложи процесот за дополнителни два месеци.
Љутков денеска информираше дека Министерството добило известување од Комисијата за жалби дека тендерот за Универзална сала не поминал, бидејќи има жалба за изведувачот, кој е единствениот пријавен.
На прашање дали Скопје ќе има нова Универзална сала до 2028 кога градот ќе биде европска престолнина на културата, министерот одговори дека процесот ќе се одолговлечи за уште два месеца и оти за новиот тендер ќе биде потребно помалку време.
„Повторената постапка ќе трае малку пократко бидејќи фазата во која го изработувавме тендерот траеше околу 15-20 дена. Сега за таа фаза нема веќе забелешки, што значи дека веднаш ќе го распишеме тендерот кога ќе поминат десетте дена. Известувањето го добивме минатата недела, средата или четвртокот, и веднаш по завршувањето на тие десет дена ќе го објавиме одново тендерот. Тоа е околу 30 дена, се надевам дека до средината на јануари ќе го имаме новиот изведувач“, рече Љутков.
Во септември Љутков најави дека Универзална сала ќе биде готова до крајот на 2027 и ќе биде функционална за „Скопје Европска престолнина на културата 2028“.
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место