„Упатство“ за победа на локалните избори

„Упатство“ за победа на локалните избори

Пишува: Зоран Милошески

Долга (пред)изборна кампања среде летните горештини, дополнително испреплетена со септемврискиот попис.

Владејачка коалиција на која граѓаните многу што и’ замеруваат, дезориентирана и безидејна опозиција со истите истрошени кадри оставени во наследство од унгарскиот бегалец. Понекоја најава за независни кандидати и мини коалиција на дел од малите партии. И, една циркузијада наречена „Левица“, чиј лидер со уличарски речник на јавноста и’ се „продава“ за „либерален левичар(?)“, пропагирајќи десничарска, напати националсоцијалистичка идеологија.

Таква е состојбата во македонскиот политички блок, на 9 седмици пред одржувањето на локалните избори.

Во тридеценискиот век на практикување демократија и вежбање демократски вредности, просечниот македонски гласач научи две работи: да нема преголема доверба во политичарите и да се воздржува од јавно искажување наклонетост кон еден или друг политички субјект. Во актуелниот политички момент, сето тоа значително им ја отежнува работата на големите партии, кои ќе имаат проблем да ги детектираат своите традиционални гласачи, надвор од партиското милје.

Оттаму, за резултатот и изборната разрешница повеќе не важи непишаното правило „и магаре да ставиме, ќе победиме“. Оти „магарињата“ одамна не се фактор во изборните циклуси, туку политичкиот бекграунд и капацитетност на кандидатите, комбиниран со политичкиот субјект кој ги номинира.

Искуствата од земјите со богата демократска традиција велат дека кога гласачите се незадоволни или, во најмала рака, воздржани и кон власта и кон опозицијата, ситуација налик на сегашната, процентот на излезност е секогаш помал од вообичаениот. Ама, бидејќи и како држава, и како нација сме исклучок од речиси секое правило, домашните анализи не секогаш треба да ги темелиме на европските практики и искуства.

Ако на тоа му се додаде фактот дека сме народ на кој „му се гласа, му се плачи“, тогаш прилично е сигурно дека на октомвриските избори на гласачките места ќе има врвулица од луѓе.

Во ваквата политичка папазјанија, прилично е извесно дека фотофинишот ќе го даде победникот на изборната трка. Иако никој не смее да им го одземе правото на надеж на малите коалиции и независните листи, сепак, се’ поизвесно е дека на 17 октомври изборите ќе можат да се следат на црно-бел телевизор.

Нашата демократска неопитност и скромниот политички капацитет, секогаш досега беа изговор за квалитетот на номинираните, а уште повеќе на избраните кандидати, сеедно за кој тип на избори станувало збор. Иако е наивно, да не речам глупаво, да се верува дека на претстојните локални избори ќе се случи драматичен исчекор напред, сепак изборниот резултат во пристоен процент ќе зависи од имињата на претендентите за градоначалничката фотелја.

Она кое никако не смее да се занемари, а кое што во сите досегашни локални избори се сметаше за формалност, е составот на кандидатските листи за советници. Што ќе добие на уште поголема тежина ако на изборите се оди со „отворени“ листи, при што важноста на првиот и последниот на листата ќе биде истозначна.

Напуштањето на праксата на пополнување на кандидатските листи со лица блиски до партиските функционери, по принципот „еден твој, еден мој, еден ничиј“, е основниот предуслов за привлекување гласови на неутралните гласачи. Стручноста, познавањето на надлежностите на локалната самоуправа и темелноста на советниците при подготовката за седниците на Совет, треба и мора да бидат единствените критериуми при составувањето на листите.

Дополнително, вклучувањето на непартиски личности кои се авторитети во средината во која живеат, познати „фаци“ од јавниот живот и граѓанскиот сектор, исто така може да биде тегот кој ќе натежне на едниот тас од вагата.

Конечно, постигнувањето внатрепартиско единство, односно закопувањето на „воените секири“ и подавањето рака на сите потенцијални кандидати после официјализирањето на листите за градоначалник и за членови на општинскиот Совет, е првата од десетте „заповеди“ без која ниедна партија не смее ниту во сон да се надева на успех.

Легитимно право е секој себеси да се доживува како најдоброто партиско решение за функцијата за која се кандидирал. Меѓутоа, со завршувањето на внатрепартиските постапки и процедури и поднесувањето на кандидатските листи, треба да завршат сите меѓусебни недоразбирања и подметнувања.

Доколку тоа не се случи, не само што ќе дојде до цепкање на партиското членство, туку непартиските гласачи кои по правило се клучниот фактор за изборниот резултат, ќе го препознаат таквото неединство и, во најдобар случај, ќе апстинираат од изборите. Во полошата варијанта, ќе го дадат својот глас за противничкиот табор. Оти, никој здраворазумен и неутрален граѓанин нема да го даде својот глас за раскарана и поделена партија. Тоа е “закон“ за секој изборен циклус! Кој ќе го разбере и прифати тоа, со право може да се надева на успех. Кој нема…

Заради сето погоре кажано, формулата за успех на учесниците во изборната трка е едноставна и разбирлива: Изберете ги најдобрите кандидати, не најмалку лошите, подајте си рака и – победете!

Прочитајте повеќе

Тренчевска Европска иднина е иднината на нашата држава

Тренчевска: Европска иднина е иднината на нашата држава

Коносителката на листата за пратеници во изборна единица 4, Јованка Тренчевска на граѓанскиот митинг во …