Зоран Милошески
Ване Лесноски е 48 годишниот прилепчанец кому натпреварите од фудбалската Лига на шампиони му донесоа вистинско богатство, 520.000 евра, или бруто добивка од 35 милиони денари.
– Кога го чекав резултатот од последниот натпревар во Лигата на шампиони Севиља – Манчестер Јунајтед, се тресев во исчекување. Секоја секунда беше голема неизвесност, голема возбуда. Навидум бев мирен, се трудев да бидам мирен, да ги држам чувствата под контрола. Ми беше како во магла, ама кога го слушнав резултатот, занемев. Опасно е ако не ги контролираш чувствата, оти ова не се случува секој ден – вели Лесноски, кој од синоќа е главна тема во сите разговори не само во прилепската чаршија, туку и многу пошироко.
Лесноски објаснува дека добитните тикети ги уплатил минатиот месец, во јануари. Всушност, станува збор за два тикета, од кои едниот е уплатен двапати, а другиот петпати.
– Едниот тикет е уплатен на 23 јануари, и тоа двапати, а другиот на 24 јануари, петпати. На крајот остана да ги чекам последните 5 натпревари од Лигата на шампиони. 7 тикети беа уплатени на сума од 300 до 400 денари, а некои се уплатени по 30, 40, 50 и 60 денари. Скратував по некој натпревар, оти не смееле да бидат исти. Како што ми ги објаснија правилата, ако биле исти, кладилницата исплаќала само еден тикет. А така и вообичаено играм, на мали уплати, некогаш само на 20 или 30 денари. Ама овој пат еве “упали“ – со видлива возбуда објаснува Лесноски.
Она што е интересно, е дека ова не е прва добивка на Лесноски. Минатата година, отприлика во истото ова време, тој имал добивка која воопшто не е за потценување – 25.000 евра.
– Често се обидував со поситни уплати да стигнам до голема добивка. Си велев, ако падне нека падне. Лани, точно ова време, на 2.март, погодив 25.000 евра. Тоа ми беше најголемата добивка, ама оваа е неспоредлива со ништо. Очигледно овој период од годината ми е среќен – раскажува среќниот добитник на 520.000 евра, Ване Лесноски.
На заминување, Ване рече дека оди на средба со менаџерот на обложувалницата „Моцарт“, во која биле уплатени добитните тикети, за да се договорат околу исплатата на парите. Возбуден и по малку конфузен, Лесноски рече дека не стигнал да размисли како ќе троши добивката, но дека верува оти за скоро ќе има и конкретни планови.
Објавено во „Слободен печат“