Оваа година, по повод роденденот на Урбан ФМ радио и крајот на учебната година, Скопје ќе биде домаќин на второто издание на Урбан Фест.
Овој настан е единствениот радиски фестивал на отворено во Македонија. Фестивалот ќе се одржи на 9 и 10 јуни во Градскиот парк, на локацијата Вембли, со цел да се обедини заедницата која пулсира на фреквенцијата на радиото и заеднички да се прослави македонската музика во живо.
Богата програма со над 25 домашни артисти
Урбан Фест 2026 носи дводневна музичка програма во која ќе земат учество повеќе од 25 музички артисти кои активно ја креираат современата македонска сцена. Станува збор за селекција на изведувачи и автори од различни жанрови кои со својата работа придонесуваат за развојот и видливоста на домашната музика.
Фестивалот не е само музички настан, туку претставува платформа за поддршка на македонските артисти и ги слави сите креатори кои вложуваат во домашната сцена во овие предизвикувачки времиња. Имињата на изведувачите ќе бидат објавувани постепено во деновите пред настанот преку каналите на Урбан ФМ.
Семеен карактер и предфестивалска детска програма
Покрај главната музичка програма, фестивалот ќе вклучи и предфестивалска детска програма во чии рамки ќе настапат 18 дечиња од „Музичка фабрика“. Со ова, Урбан Фест добива вистински семеен карактер и отвора простор за најмладите да бидат дел од големата сцена.
Проектот „Музичка фабрика“ работи со млади музички таленти и во својата прва сезона опфати над 600 деца од повеќе градови низ државата. Од нив беа селектирани 20 солисти и беше формиран детски хор. Овој проект претходно кулминираше со ревијален концерт во Македонскиот народен театар каде 170 деца изведоа 20 нови авторски песни создадени од над 30 македонски автори, композитори и продуценти.
Влезот за сите посетители на фестивалот е бесплатен.
Следете ги најновите вести од музиката и забавата на Публикум.
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место