Урсула фон дер Лајен

Урсула фон дер Лајен во македонското Собрание: Македонски јазик без квалификации, Европа ве чека

Сакав да бидам денес овде за да се обратам директно, за од мене да слушнете дека Европа ве чека. Чекајќи и најдевајќи се дека ќе направите уште чекор кон нашата унија. Вашата држава е на пат да станете членка на ЕУ. Ова го порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен при денешното обраќање во македонското Собрание.

„И сега, конечно, би можеле да бидете на прагот на еден одлучувачки чекор напред. Овде сум оти верувам дека ова е моментот да продолжите напред кон нашата заедничка иднина во ЕУ, со Северна Македонија како полноправна членка“, рече Дер Лајен, обраќајќи се пред пратениците, државниот врв, како и шефови на најбитните институции во земјава и поглаварите на верските заедници и странски амбасадори.

Говорејќи на 80-тата седница, во пресрет на гласањето за, како што Фон дер Лајен повеќепати нагласи, ревидираниот француски предлог за почеток на преговорите, таа порача дека одлуката е на пратениците и нивно е правото што ќе одлучат, но напомена дека досегашните напори на земјава и големите промени и реформи водат кон европскиот пат и дека ЕУ нѐ чека.

Претседателката на Европската комисија (ЕК) нагласи дека во францускиот предлог македонскиот јазик се признава без какви било квалификации, како и дека го почитува националниот идентитет на Македонците, и дека тоа се прави во духот на почитувањето на европските принципи и стандарди.

„Како и во секоја демократија, го слушаме другиот, и ги слушаме аргументите што ги има, а и вие го слушате мојот, и ви благодарам за вашиот демократски капацитет. Почитувани Македонци, внимателно ја слушав загриженоста за македонскиот јазик и идентитет. Нема сомнеж дека македонскиот јазик е вашиот јазик“, рече Фон дер Лајен пред да биде прекината со силен аплауз од присутните пратеници од владејачката коалиција и дел од другите присутни. Во опозицискиот партер во пленарната сала, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и другите помали партии стоеја со транспаренти во рацете или залепени на нивните гради.

Урсула фон ден Лајен: „Македонски јазик“ без квалификации, ЕУ го почитува и вашиот национален идентитет | Скриншот од обраќањето во македонското собрание на 14 јули 2022 г.

„Нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик, ние целосно го почитуваме тоа, затоа во ревидираниот предлог стои македонски јазик без квалификации од ЕУ. Предлогот го почитува исто така вашиот национален идентитет. Принципот на идентификација е важен за секој од нас. Може да сметате на мене како претседател на ЕК дека процесот на пристапување ќе ги почитува европските приниципи и стандарди. Имате успешно мултиетничко општество и тоа ја отсликува ЕУ, покажавте посветеност на владееење на правото, на човековите права и правата на сите заедници“, рече Дер Лајен.

Таа додаде дека измената на Уставот за унапредување на основните права ќе ја зајакне посветеноста на земјата за ова прашање и тоа подразбира втора меѓувладина конференција без друга посебна одлука

Претседателката на ЕК дообјасни дека прифаќањето на францускиот предлог ќе значи дека веќе следната седмица ќе се одржи првата меѓувладина седница, односно фактички ќе почнат преговорите за членство, а по измените на Уставот автоматски ќе се одржи и втората меѓувладина седница.

Фон дер Лајен нагласи дека „билатералните прашања, како што се толкување на историјата не се услов на пристапните преговори“ уверувајќи  дека ЕК ќе биде постојано на наша страна.

„Сите сте запознаени, предлогот ги штити вашите интереси и ги зема предвид сите страни. Бидете уверени ЕК секогаш била на ваша страна, продолжува да биде на ваша страна и ќе биде во сите денови што доаѓат“, рече Фон дер Лајен.

Пофалувајќи ја храброста на земјава да го зачекори на патот кон подобро општество за сите, посочувајќи на Охридскиот рамковен договор и на Преспанскиот договор што го отвори членството кон НАТО, но и цитирајќи го покојниот претседател Борис Трајсковски, претседателката на ЕК порача дека треба да се размислува за идните генерации и да им се овозможи иднина во ЕУ.

Таа порача дека земјата повторно покажа смелост и решителност со Договорот од Преспа, кој е пример за две земји како може да одат напред и заедно да ги отворат идните чекори. Ова, рече Дер Лајен го отвори вратите за членство во НАТО и по 2 години С. Македонија покажа дека е партнер од доверба и, како што рече таа, знае дека истото ќе се случи кога ќе стане членка на ЕУ.

„Го знам тоа, оти веќе покажавте витален капацитет да го промените вашето општество кон подобро, вашите напори за справување со корупцијата се за поздравување, како и за унапредувањето на човековите права, имате слободни медиуми, силно граѓанско општество“, рече Дер Лајен.

Таа смета дека земјава е модел за едно мултиетничко општество сковано на Охридскиот договор, кое го избира патот на мирот наместо на конфликт, „а тоа беше патот на мирот што го покажа покојниот претседател Борис Трајковски“.

Таа потоа го цитираше претседателот Трајковски дека сака да биде претседател на сите граѓани, без оглед на етничка и верска, без оглед на партиска припадност, и нема да дозволи меѓуетничката омраза да ја зазгрозат стабилноста и државноста.

„Не би било добро да се чека подобар договор од она што го претстави Франција. Секако ваше право е но, размислете колку време посветивме да дојдеме до тука. Претходно имаше португалски предлог, германски предлог, сега и француски предлог“, рече Дер Лајен од собраниската говорница.

Таа додаде дека земјата ќе зајакне со тоа што ќе го отвори преговарачкиот процес, тоа ќе донесе инвестиции, подобра соработка во енергетиката и транспортот, многу добри работни места.

„Ова е тоа што го сака младата генерација. Тие ја сакаат својата држава, сакаат тука да ја градат својата иднина. Подготвени се напордно да работат, но треба да им ја отвориме следната важна врата“, рече Дер Лајен.

„Јас имам деца, многумина од вас имаат, некои имаат и внуци и сите заедно сакаме едно нешто и споделуваме еден сон – еден ден да погледнеме наназад сите наши деца и внуци да се дел од исто европско семејество“, посочи Дер Лајен додавајќи „ова го сакам, ова е иднината за која одлучувате денес и во деновите кои доаѓаат“.

На крајот од својот говор таа им порача на пратениците дека ја исполниле својата задача и стојат цврсто со Унијата како вистински партнер од доверба.

„Ви благоадарам од дното на душата што покажавте посветеност на вредностите на ЕУ, одлучувачкиот чекор е сега на вас. Исрекено се надевам дека ќе го направите тоа, направете го за Северна Македонија, која наскоро ќе стане член на ЕУ. Европа не е целосна без Северна Македонија“, порача Урсула фон дер Лајен, завршувајќи го обраќањето со „Благодарам!“ на македонски јазик.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

УСС УКИМ со поддршка до колегите од Србија: Да се потсетиме дека неодамна и кај нас владееше режим

УСС УКИМ со поддршка до колегите од Србија: Да се потсетиме дека неодамна и кај нас владееше режим

„Да се потсетиме дека неодамна кај нас, исто така, владееше режим чија цел беше да …