Џудистите од џудо клубот „Сеишин“ од Прилеп, изминатиот викенд зедоа учество на Државните првенства за помлади пионери и јуниори кои се одржаа во Кавадарци, како и на меѓународниот турнир „Младоста на Европа“ во Ниш, Република Србија.

На првенствата во Кавадарци на кои се натпреваруваа над 200 џудисти, „Сеишин“ учествуваше со 25 натпреварувачи. Притоа, прилепските џудисти освоија вкупно 19 медали, од кои 5 златни, 7 сребрени и 7 бронзени.

На меѓународниот турнир во Ниш, на кој учество зедоа 360 натпреварувачи од 38 екипи и 5 држави, единствен претставник на Македонија беше џудистот на „Сеишин“, Димитри Џокоски. Во категоријата до 60 килограми кај помладите пионери, Џокоски го освои првото место.

Од „Сеишин“ изјавуваат дека се задоволни со постигнатите резултати и дека џудистите од овој клуб продолжуваат со напорни тренинзи и подготовка за натпреварувањата кои ги очекуваат во претстојниот период.