Успешна приказна: Мики Николоски, младиот фотограф чии уметнички дела ги освоија срцата на прилепчани

Пишува: Зоран Милошески

Прилеп често бил мотив за локалните фотографи и намерниците, кои инспирацијата за своите уметнички дела ја нашле овекувајќи го токму него, градот под Марковите кули. Дали заради географската поставеност на градот, дали заради неговата богата историја, или заради менталитетот на прилепчани… неважно. Градот на Цепенков, Кузман, Мирче, Конески, Џумерко… отсекогаш бил вруток за уметничкиот израз. Во секоја негова форма.

Изминатите неколку денови, фотографии на Прилеп направени во ноќните часови, за време на полицискиот час, ги преплавија социјалните мрежи, особено Фејсбук и Инстаграм. Погледот на градот од Селечка планина, од Марковите кули и од центарот на градот, збогатен со визуелниот ефект на авторот на фотографиите, не ги остави рамнодушни прилепчани, кои ги преземаа малите ремек-дела и ги објавуваа на своите профили.

Она што остана недообјаснето, беше името на авторот на фотографиите?

Мики Николоски има 23 години и со фотографија се бави од неговата 14-та година. После повеќегодишното ентузијастичко занимавање со фотографија, од минатата година таа е неговата професија и животна определба.

„Преку проектот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, односно мерката ‘самовработување со грант’, добив неповратни средства во висина од 5.000 евра со кои почнав сопствен бизнис. Го отворив фото студиото ‘Мики Николоски PHOTOGRAPHY’, што беше остварување на мојот сон и оттогаш сум максимално посветен на оваа професија. Желбата да го претставам Прилеп во најубаво и малку поинакво светло, беше главниот мотив во изминатите 4-5 денови да направам повеќе од 60 фотографии. Да бидам искрен, малку сум изненаден од ваквата реакција на моите сограѓани. Масовното споделување на моите фотографии, позитивните коментари, пофалбите и поддршката кои стигнуваат од сите страни, секако дека ми годи и ме мотивира да продолжам да одам по патот кој го зацртав“, изјави за ПУБЛИКУМ Мики Николоски, авторот на фотографиите кои ги освоија срцата на граѓаните на Прилеп, но и на сите љубители на уметничката фотографија.

Младиот фотограф вели дека, покрај стандардното сликање и снимање на разни семејни свечености и создавањето модна и студиска фотографија, неговото фото студио „Мики Николоски PHOTOGRAPHY“ деновиве ќе почне со изработка на фотографии на платно со вечерни мотиви од Прилеп.

Мики Николоски е најдобар доказ дека секогаш кога талентот, ентузијазмот и упорноста на младите луѓе, се препознаени и поддржани од државата, успехот не може да изостане. Воедно, тоа е најдобриот начин младите да останат во државата и тука да ја градат својата иднина.

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …