УСС УКИМ со иницијатива за воведување задолжителна педагошка доквалификација за наставниот кадар

УСС УКИМ со иницијатива за воведување задолжителна педагошка доквалификација за наставниот кадар

Од студентското собрание велат дека ваквата иницијатива е во насока на унапредување на квалитетот на наставниот процес и подобрување на образовните резултати на студентите

Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УСС УКИМ) поднесе иницијатива за воведување задолжителна педагошка доквалификација за сите сегашни и идни асистенти, доценти, вонредни и редовни професори на високообразовните установи.

Од таму велат дека ваквата иницијатива е во насока на унапредување на квалитетот на наставниот процес и подобрување на образовните резултати на студентите.

„Во основното и средното образование, според Законот за наставници и стручни соработници во основното и средното образование, наставниците без педагошко-психолошка и методолошка обука се должни да ја завршат истата пред да добијат лиценца за работа. Сметаме дека оваа пракса треба да се прошири и во високообразовниот систем, како дополнување на постоечките законски рамки“, велат од УСС УКИМ.

Студентското собрание предлага да се воведе задолжителна педагошко-психолошка и методолошка доквалификација за сите сегашни и идни наставници на високообразовните установи, а доквалификацијата да се спроведува преку акредитирани програми во соработка со Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието (БРО).

Бараат и да се извршат измени и дополнувања во Законот за високо образование, со додавање нов член кој ќе ја регулира оваа обврска, слично како што е регулирано во Законот за наставници и стручни соработници.

Со ова, УСС УКИМ очекува зголемен професионализам на наставниот кадар, подобра подготовка на студентите за пазарот на трудот и унапредување на меѓународниот углед на македонските факултети.

Барањето на студентското собрание е упатено до МОН, БРО и високообразовните установи.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

веб-страницата на Комисијата за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство

Промовирана веб-страницата на Комисијата за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство

Комисијата за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство е новоформиран независен правен …