Усвоен Буџетот на Општина Делчево за 2019 година

Усвоен Буџетот на Општина Делчево за 2019 година

Советниците од Советот на Општина Делчево на 18 Седница на Советот го усвоија Буџетот на Општина Делчево за 2019 година, кој е планиран во вкупен износ од 265.985.412 денари, додека основниот буџет изнесува 110.983.000 денари.

Во образложението на Буџетот, градоначалникот Горан Трајковски пред советниците истакна дека Општина Делчево се наоѓа во фаза во која се неопходни инвестиции во инфраструктурата како услов за раст и развој на општината.

-Буџетот на Општина Делчево е развоен буџет во кој најголем дел од проектираните средства се расходи наменети за капитални проекти. Капиталните расходи се проектирани на ниво од 46 451 412 денари во вкупниот буџет,односно 41 251 000 денари во основниот буџет и во најголем дел се однесуваат на изградба и реконструкција на улици и патишта и тоа и во урбаниот но и во руралниот дел на општината,потоа на изготвување на проекти за улици и патишта,надомест за одземен имот,односно попознато како експропријација на земјиште,планирани се средства за изградба на капела,како и  средства за изградба на новиот зелен пазар, истакна Трајковски.

Тој потенцираше дека Буџетот на Општина Делчево е проектиран да обезбеди високо ниво на реализација на капиталните инвестиции во делот на патната и комуналната инфраструктура.

-Развојната компонента ни дава очекување за економски раст во општината во 2019 година, бидејќи капиталните проекти очекувано се зголемуваат и по број и по квалитет. Клучни капитални проекти на кој ќе посветиме големо внимание е изградбата на градскиот пазар, капелата,  пешачкиот мост, но и максимална посветеност во сите сегменти за отпочнување на изградбата на филтер -станицата за чиста вода за пиење, како најважни сегменти за подобрување и зголемување на квалитетот на животот на граѓаните на Општина Делчево. За поквалитетен живот на граѓаните обезбедивме повеќе средства за изградба на канализации и водоводи во општината, рече Трајковски.

За капитални расходи  во основниот буџет се проектирани:

За изградба на улици и патишта се проектирани 5 928 000 денари, за реконструкција на улици и патишта се предвидени 15 774 000 денари, за подготвување проекти за улици и патишта се предвидени 3 086 000 денари, за изградба и реконструкција на пречистителни станици се предвидени 1 500 000 (СРЦ,Басарица), за изградба на капацитети за водоснабдување 500 000 (сите периферни места во градот, Вирче), за изградба на други објекти 8 134 000 денари (капелата, пазарот), за надзор на изградба 100 000, за изградба на пешачкиот мост на река Брегалница ние го уплативме сопственото учество во износ од 3 220 000 денари, со што нашата финансиска обврска за овој исто така капитален проект ја имаме измирено.

-Ова се генерално средствата што планираме да ги инвестираме во реализација на капитални проекти што се од суштинско значење за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, бидејќи овој Буџет е правен од граѓаните и за граѓаните. Исто така, сакам да потенцирам дека во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта ќе продолжиме со изградба и реконструкција на патнатата мрежа на подрачјето на  Општина Делчево, но исто така и со комуникациските врски со соседните општини. Во таа насока ќе биде комплетно реконструиран патниот правец од с.Звегор кон граничниот премин во должина од 5 км. Комплетно ќе се реконструира патниот правец од Делчево кон Пехчево во должина од 11 км. И комплетно ќе се реконструира бул. „Македонија“ од влезот до излезот од Делчево, рече Трајковски.

Во наредната година Трајковски очекува да се започнат и комплетно реконструираат улиците „Вера Јоциќ “и „Маршал Тито“ со одвојување на фекалната од атмосферската канализација, Одвојување на атмосферската од фекалната канализација на улица „Орце Николов“, како и замена на дел од водоводната инсталација. Овие средства за одвојување на атмосферската од фекалната канализација  се обезбедени од Министерството за транспорт и врски, а за реконструкција на улиците, средствата се од МСИП 2- проектот.

-Почитувани советници, на почетокот на мандатот ветивме транспарентност и отчетност, ова е нашата отчетност, каде и како ќе се трошат парите на граѓаните. Продолжуваме со силно темпо, сè она што ветивме ќе се трудиме да го исполниме. Ќе ја направиме Општина Делчево,општина на просперитет, општина  која ќе овозможи благосостојба на сите граѓани, потенцираше Трајковски.

На денешната Седница на Советот беше усвоена и Одлуката за извршување на Буџетот на Општина Делчево за 2019 година, Одлуката за утврдување на вредноста на бодот за платите на државните службеници за 2019 година, Буџетскиот календар, измена и дополнување на Годишниот план за вработување на Општина Делчево за 2019 година, како и Одлука за преотстапување на користење и управување на дел од училишната зграда во с. Разловци за потребите на ОЈУДГ„Весели цветови“.

Прочитајте повеќе

Д-р Венко Филипче средби со граѓани (2)

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ и Николоски ја губат поддршката во четворката, затоа вадат пропаднати афери стари три години

Кандидатот на СДСМ и коалицијата во изборна единица четири, денес беше помеѓу граѓаните на Прилеп …