Усвоен Законот за амнестија

Усвоен Законот за амнестија

Со 95 гласа „за“ и во скратена постапка вечерва беше усвоен Законот за амнестија откако помина во матичните комисии и беше одобрен од Интерпартиската парламентарна група. Во законот се предвидува кој не може да бара амнестија за настаните од 27 ашприл, 2017 година. Откако ќе стапи во сила, обвинетите имаат рок од 5 дена да поднесат барање за амнестија.

Законот за амнестија по скратена постапка беше усвоен во Собранието со 95 гласови „за“. Законот го поддржаа и дел од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, иако партијата претходно тврдеше дека не е за селективна, туку за општа амнестија за настаните од 27 април, минатата година. Според законот, не може да бидат амнестирани организаторите и оние кои учествувале во подготовката, насилниците, оние кои што носеле оружје и експлозивни направи и службените лица кои постапиле спротивно на нивните овластувања.

Еден од предлагачите на законот Зеќир Рамчиловиќ рече дека денес е денот кога треба да се направи исчекор за надминување на предизвикот со кој се соочени, односно настаните од 27 април.

„Ние денес носиме политичка одлука со која не сакаме да го попречиме процесот кој што се води во судството. Иако таа линија е тенка, во изминатиов период работевме напорно за да дојдеме до такво решение. Верувам дека во тоа сме успеале“, рече Рамчиловиќ.

Тој додаде дека амнестијата постои за позитивно да делува во одредени моменти во процесите за остварување на повисока цел. Политичарите, според Рамчиловиќ, имаат политичка одговорност и должни се да и помогнат на државата да продолжи напред кон интеграцијата на Македонија во ЕУ и во НАТО.

„Сите пратеници со чинот на гласање, со гласот „за“ за овој предлог закон ќе покажат дека сме си простиле еден на друг. Дека гласањето ќе биде чин на помирување, кој треба да се пренесе и на нашите граѓани, како прв чекор во надминување на поделбите во општеството. Прв чекор во процес на помирување, разбирање и градење на доверба меѓу граѓаните. Процес на помирување кој не завршува тука. Процес кој продолжува и понатаму“, додаде тој.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски истакна дека се приклучуваат како предлагачи на законот.

„Мислам дека е поважно дека на крајот сите дојдовме до она што го зборуваме од самиот почеток дека треба да се погледнеме во очи и треба нашите проблеми и грешки да не ги префрлуваме на целото општество и да ја ставаме државата во залог на она што ние го грешиме. Оттука иако не беше понудено би сакал во мое лично име и во име на колегата Панчо Минов да ве информирам дека се приклучуваме како предлагачи на овој закон“, порача Димовски.

Обвинетите ќе имаат рок од пет дена по стапување на законот во сила да поднесат барање за амнестија. Обвинителството и Судот за пет дена ќе треба да им одговорот дали нивното барање за амнестија е прифатено.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …