Концертот ќе се одржи на новоотворената летна сцена „Славиша Кајевски“ на Македонскиот народен театар
Утре Националниот џез оркестар (НЏО) ќе свири песни од Битлси на новоотворената летна сцена „Славиша Кајевски“ на Македонскиот народен театар (МНТ).
Хитовите на ливерпулската четворка која го смени светот ќе бидат отсвирени во едно ново и свежо светло. Диригент на концертот ќе биде маестро Џијан Емин, а како солисти на концертот ќе се чујат истакнатите Кирил Кузманов, Славко Георгиев, Трајче Велков, Виктор Филиповски, Сашко Николовски и Гордан Спасовски.
Од Националниот џез оркестар известуваат дека наредниот вторник (8 октомври) во МНТ, ќе се одржи концерт со широка музичка програма во соработка со студенти од Факултетот за музичка уметност во Скопје и Џез академијата во Штип.
Инаку, во Македонскиот народен театар пред околу две недели се официјално се отвори летната сцена „Славиша Кајевски“, на платото/летната тераса покрај Вардар. Оттогаш, има низа настапи и концерти, вклучувајќи Црнила Ремикс, Пијан Славеј, Игор Џамбазов и Гуру Харе Бенд и многу други. Легендарниот македонски рок бенд Архангел ќе ја затвори летната сцена задутре, на 2 октомври.
НЏО информираат дека доколку временските услови не се пријатни за концерт на отворено, утрешниот настап на Националниот џез оркестар, може да се одржи на затворена сцена во МНТ.