Утре почнува судењето за насилството во Собранието на 27 април

Во Кривичниот суд во Скопје утре во 10 часот почнува нова постапка за упадот и насилствата во Собранието на 27 април минатата година. Предметот ќе го води судијката од организиран криминал Добрила Кацарска.

Јавното обвинителство на Република Македонија, во март годинава објави дека е поднесен обвинителен акт против 30 лица, од кои 28 за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од чл. 313 од Кривичниот законик, а две лица за помагање при вршење на истото кривично дело. Според ЈОРМ, со обвинителниот акт се опфатени три лица, припадници на структурите на Министерството за внатрешни работи, кои како овластени службени лица биле носители на „златна“ и „сребрена“ команда, како и лица кои биле учесници во друга група, како организатори на движењето „За заедничка Македонија“.

Основниот суд Скопје 1 информираше дека за следниот период се закажани вкупно 37 термини за главна расправа, за што веќе се изготвуваат наредби за спровод за обвинетите кои се наоѓаат во куќен притвор, како и покани за останатите странки во предметот.

Судијката Славица Андреевска на 5 јули годинава ги изрече пресудите за седуммината обвинети за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села во Собранието на 27 април минатата година. Кире Ѓорѓиевски доби затворска казна од 13 години, Андреј Мицов 10 години и шест месеци, Оливер Ошавковски 10 години и шест месеци, Николче Димитриевски 10 години и шест месеци, Александар Јаневски – Тошта 13 години, Никола Војминовски 13 години и шест месеци и Коста Делев 10 години и шест месеци.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …