Утре во Крушево премиерно ќе биде изведена претставата „Др.Хупутдис Но Боди”

Утре во Крушево премиерно ќе биде изведена претставата „Др.Хупутдис Но Боди”

Утре, недела 4-ти октомври со почеток во 19:30 часот, во Домот на културата „Наум Наумовски-Борче“ во Крушево, премиерно ќе биде изведена претставата „Др.Хупутдис Но Боди”, по мотиви на „Тренер на духови” од Јон Бајешу, во превод и адаптација на текст на Захарија Ангелеска.

Во самиот текст се зборува за “замокот” каде не’ прогонуваат “духовите” на системот. Тренери – убијци на совест, не само од минатото туку и од непосредната историја, шетаат слободно, обидувајќи се да влијаат врз совеста и слободата на изразување на поединецот.

Текстот нуди и во исто време бара креативно разбирање. Преку циничниот хумор се креира една тензична атмосфера помеѓу ликовите.

„Тренерот- диктатор, навидум пријателски настроен, на бесмислен начин се обидува да донесе свесност, за да може да ги здружи своите примитивни идеи и постапки. Додека пак, преку ‘обуката’, на најаматерски начин наметнува идеологија на која послушно и неселективно и’ служи. Со својот патетичен пристап наидува на еден ‘неписмен чувар’, кој станува ‘ангел чувар’ на сите оние што ќе им бидат испрани мозоците. Тоа е нееднаква борба помеѓу слободеното зло и затвореното добро.Трагичен антагонизам инспириран од актуелни настани. Еден заклучок е јасен: на сите ни треба чувар!“, вели „виновникот“ за утрешната премиера, Захарија Ангелеска.

Оваа претстава е необична затоа што е направена во нетипичен простор за изведба и истиот потсетува на една празнина, како еден огромен стар замок, во којшто е затекнат човекот. Претставата зборува за односите спрема самите себе пред се’, односите спрема другите и односот на другите спрема нас, коишто цело време се присутни и ни наметнуваат како „совет“ да живееме како што не знаеме.

„Ова е четврта претстава надвор од границите на институцијата ТЕАТАР и всушност тоа е мојот предизвик – ТЕАТАР СЕГА И ОВДЕ! Тоа го научив уште кога бев студент на Универзитетот за Театар и Филм ‘Јон Лука Караџале’ во Букурешт, Романија. Јас сум една од основачите на Театар Крушево и така ја почнав оваа приказна.Тогаш имавме свое катче и нашата идеја беше да прерасне во институција. Бевме многу искрени и наивни. Но, сега времето во кое живееме и конкретно пандемијата, не’ потсетува и не’ враќа на основата-кон природата на суштинското постоење. Нам не ни требаат други, за да БИДЕМЕ. Ние треба само да СМЕ! Јазикот на природноста во секој различен контекст, важи како правило“, истакнуува Ангелеска.

Заслугата што крушевските љубители на театарот ќе имаат можност да ја видат премиерата на претставата „Др.Хупутдис Но Боди”, ја имаат  Министерство за Култура на РСМ, Општина Крушево и Домот на култура „Наум наумовски – Борче“.

Во претставата играат Аница Бебиќ и Захарија Ангелеска. Сценографијата/дизајнот е на Маја Џеповска, а музиката на Оливер Јосифовски. За светлото се погрижи Фани Ристеска, а фотографијата е дело на Андреј Рујаноски.

Настанот ќе се одвива по сите прописи и заштитни мерки, согласно протоколите за организирање настани во услови на новонастанатата здравствена состојба предизвикана од Ковид-19.

Прочитајте повеќе

Европскиот парламент го одобри Планот за раст за Западен Балкан

Европскиот парламент го одобри Планот за раст за Западен Балкан

Европскиот парламент го изгласа Планот за раст за Западен Балкан, што е досега најамбициозниот финансиски …