Утре во Прилеп започнува првиот Меморијален меѓународен ракометен турнир за ветерани „Таста – Лара“

Утре во Прилеп започнува првиот Меморијален меѓународен ракометен турнир за ветерани „Таста – Лара“

На отвореното ракометно игралиште на хотелот „Сонце“, утре и другиден, петок и сабота ќе се одржи првиот Меморијален меѓународен ракометен турнир за ветерани „Таста – Лара“. Турнирот се одржува во чест на ракометните легенди Петар Кузманоски – Таста и Влатко Коруноски – Лара.

Организаторите на турнирот, Здружението на спортисти „Млади ветерани“, велат дека идејата на турнирот е да му оддадат признание на двете големи ракометни и спортски легенди, Петар Кузманоски – Таста и Влатко Коруноски – Лара. Како учесници на повеќе турнири на ветерани во Хрватска, Србија, Словенија и Босна и Херцеговина, организаторите сакаат да го пренесат стекнатото искуство од ваквите турнири кои се спрецифични по начинот на организирање.

„На турнирот ќе учествуват 13 екипи, 8 во машка и 5 во женска конкуренција. Со овој турнир сакаме да придонесеме за популаризирање на ракометот и да ги насочиме младите што повеќе да се занимаваат со ракомет. Кај мажите, тука се екипите на Урошевац, Кач, Велес, прилепските ‘Млади ветерани’, битолски ‘Пелистер’, постарата репрезентација на Македонија за која ќе настапи Пепи Манасков, помладата репрезентација со Наумче Мојсоски, додека во женска конкуренција учество ќе земат екипите од Војводина, Богданци, Гевгелија, Демир Хисар и домашната екипа на ‘Тутунски Комбинат’“, изјави во име на организаторот, Рубин Лашкоски.

„Девојките од поранешниот клуб на ‘Тутунски Комбинат’ така речи се носители на овој турнир, бидејќи и двајцата тренери, Таста и Лара, беа наши тренери со кои го постигнавме најголемиот успех, пласман на нашата екипа во Втората лига на Југославија. Тоа е главната причина зошто учествуваме на овој турнир, со единствена цел да им оддадеме почит на нашите некогашни тренери. Сите 16 девојки кои станаа прваци на Македонија и кои подоцна играа во Втората југословенска лига, со исклучок на две кои не живеат во нашата држава, ќе играат на овој турнир“, рече Елизабета Филипоска, поранешна ракометарка на „Тутунски Комбинат“.

Првиот Меморијален меѓународен ракометен турнир за ветерани „Таста – Лара“ се одржува со помош на Агенцијата за млади и спорт, „Витаминка“ и „Прилепска пиварница“, како и поголем број на други помагатели.

Првите натпревари на турнирот ќе започнат во 13 часот, додека свеченото отворање е во 14 часот на ракометно игралиште на хотелот „Сонце“. Влезот за сите натпревари на турнирот е слободен.

Наградите за трите првопласирани екипи, за најдобар играч и стрелец, ќе бидат доделени во сабота вечер, а турнирот за отворен ќе го прогласи градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски.

Прочитајте повеќе

Почина Лазар Лечиќ, легенда на македонската кошарка

Почина Лазар Лечиќ, легенда на македонската кошарка

Познатиот кошаркар и тренер, кој ги има поставено темелите на македонската кошарка и нејзиното пласирање …