автомобили сообраќај

Увезени над 400.000 половни возила, најавената забрана не е на дневен ред [инфографик]

Сè уште не е донесена одлуката за менување на правилниците за увоз на половни возила, со која ќе се забрани увозот на возила со под ЕУРО 5 стандард на емисија на издувни гасови. Ова е одговорот што Мета.мк го доби од Министерството за економија и Владата на РСМ во однос на нашето прашање кога ќе се оствари најавената мерка за забрана за увоз на стари автомобили, камиони и автобуси што влијаат негативно на загадувањето на воздухот во земјава.

„Кога точката ќе биде на дневен ред на седница на Влада и се донесе одлука за истата, јавноста ќе биде информирана“, велат накратко од Владата на РСМ.

Од надлежните институции нема најава ниту од кој датум би требало да почне да важи забраната за увоз на возила со под ЕУРО 5 стандард. Министерството за економија првично ветуваше дека увозот на возила постари од 10 години ќе биде забранет во текот на 2021 година, за кон крајот на минатата година ваквата мерка да се одложи за 2022 година. Веќе поминаа пет месеци и од тековната година, но нема одлука по ова прашање.

Конечната одлука за промена на нивото на емисија на издувни гасови за возилата кои се увезуваат треба да ја донесе Владата на РСМ, додека анализата на правилниците кои произлегуваат од Законот за возила и определувањето на техничките спецификации го врши Министерството за економија.

Податоците на Царинската управа на РСМ за 2021 година покажуваат дека во земјава биле увезени 37.832 половни возила. Ова значи дека лани бил регистриран третиот највисок увоз на веќе користени возила во периодот од 2009 година до денес. Најмногу возила на годишно ниво беа увезени во 2010 година – 54.522 и во 2019 година – 41.479.

Од подигањето на “рампата” во 2009 година, во Македонија досега се увезени над 400.000 половни возила во земјава. Сиот овој транспорт влијае на аерозагадувањето, недостигот на паркинг места, сообраќајниот хаос и потребата од инвестиции на милиони евра за проширување на улици и булевари низ градовите. Наспроти ова, староста на возниот парк низ годините во земјава опаѓа, за да достигне рекордни 19,4 години во 2020 година.

Информациите од Царинската управа на РСМ се дека во 2021 година пристигнале 34.858 автомобили на старо, како и 2.754 половни камиони и 220 автобуси кои веќе биле користени во странство.

Инаку, од земјите во регионот, забрана на увоз на половни возила со под ЕУРО 5 стандард веќе спроведе Босна и Херцеговина од средината на 2019 година, додека Албанија ваква забрана воведе од 1 јануари 2019 година. Помалку строга во увозот на стари возила од странство е Србија, каде што може да се доведат автомобили и други моторни превозни средства и со ЕУРО 3 стандард.

Токму пролетва беа објавени резултатите од Студијата за пропорционирање на загадувачите во Скопје, при што истражувањето од октомври 2020 година до декември 2021 година покажа дека иако греењето на дрва е најзначаен извор на загадување на воздухот во зима, сообраќајот и индустријата се извори на загадување во текот на целата година. На најзагадената локација во Скопје – мерната станица во Лисиче, мерењата покажаа дека сообраќајот е вториот најважен извор на загадување.

Благо намалување на бројот на увезени половни возила од странство во Македонија е забележано во првите три месеци од 2022 година, доколку се спореди состојбата со претходните години. Во првиот квартал од годинава се доведени 5.558 “половњаци” од странство, но ваквото намалување доаѓа во период на енормно зголемување на цените на нафтените деривати, особено на дизелот, и во време на воената агресија на Русија врз Украина. Од увезениот половен возен парк во првите три месеци од годинава, 4.958 се автомобили, 537 се камиони, додека 63 се автобуси.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

полиција

Двајца приведени за убиството на лекарот во Железара

Две лица се приведени во врска со убиството на лекарот во скопската населба Железара, изјави …