Сите зборуваат за електрични автомобили во земјава, но ретко кој вози еден таков автомобил по македонските патишта. Според податоците до кои дојде „Мета.мк“ од Царинската управа, во Македонија досега биле увезени 3.345 хибридни автомобили и само 134 електрични автомобили. Учеството на новите и половните електрични автомобили што се увезени во земјава од 2017 до 2020 година е само 0,1 отсто од вкупниот увоз на патнички моторни возила. Во периодот пред 2017 година, бројот на увезени електрични автомобили во земјава е рамен на 0 според официјалната царинска статистика. Исто така, дури 96 отсто од увезените возила на хибриден електричен погон во периодот 2017-2020 година се без опција да бидат полнети со приклучување на надворешен извор на електрична енергија (plug-in).

Инаку, во 2020 година во земјава влегле рекордни 63 електрични автомобили, како и 39 хибридни автомобили со можност да бидат полнети со приклучување на надворешен извор на електрична енергија и 278 патнички возила на хибриден електричен погон без можност за полнење со приклучување на надворешен извор (без plug-in).

Статистичките податоци за изминативе години покажуваат дека интересот за увоз на хибридни автомобили бил убедливо најголем во 2018 година, додека минатата година била рекордна во увозот на електрични автомобили. Сепак, за разлика од развиените европски земји, уделот на електричните автомобили во вкупниот увоз на патнички возила во Македонија е еквивалентен на статистичка грешка, поаѓајќи од фактот дека најголем интерес владее за набавка на автомобили на старо, особено на оние кои го користат дизел горивото за нивно движење. Вкупниот заеднички удел на хибридни и електрични автомобили во увозот на патнички моторни возила во периодот 2017-2020 година бил скромни 2,45 отсто.

Кај граѓаните и компаниите не постои интерес за користење на автомобили што не го загадуваат воздухот, иако Владата од почетокот на 2020 година воведе даночни олеснувања за увозот на електрични и хибридни возила во земјава. Па така, со измените што беа направени во Законот за данок на моторни возила, за електричните возила не се плаќа данок на моторни возила, додека „plug-in“ хибридните возила плаќаат 50 отсто данок на моторни возила при увозот. Сепак, засега не се воведени субвенции за набавка на хибридни и електрични возила во земјава или друга дополнителна поволност што ќе ги стимулира граѓаните, кои реално имаат многу понизок животен стандард во однос на европските земји.

И покрај тоа што интересот на граѓаните за овие возила засега е мал, од „ЕВН Македонија“ за „Мета.мк“ велат дека активно работат на проширување на мрежата на станици за полнење на „plug-in“ хибридни и електрични возила низ целата земја. Во рамки на проектот за развој на електромобилноста, тие поставиле 40 станици за полнење на електрични возила во 17 градови низ земјава, а нивна проценка е дека има дополнителни 10 полначи за електровозила кои се поставени од Град Скопје во катните гаражи, како и од неколку општини, банки и приватни компании во Скопје.

„Оваа година планираме да ја осигураме мрежата на полначи во рамки на нашите објекти односно сите 19 објекти дисперзирани низ земјата да добијат полначи, да се прошири мрежата и во помалите градови, а согласно потребата во истите, како и туристичките локалитети. Што се однесува до патните правци, оваа година планираме да поставиме брзи полначи долж Коридор 10. Постепено, се разработуваат планови и за останатите патни правци“, велат за „Мета.мк“ од „ЕВН Македонија“.

Според нивните податоци, досега издале повеќе од 160 картички за користење на нивните полначи за електрични и хибридни возила низ целата земја. Од нив, 50-тина картички се издадени за сопственици на „plug-in“ хибридни возила, додека останатите се наменети за возила кои се движат на електричен погонски мотор. Услугата за користење на станиците за полнење на возилата на „ЕВН Македонија“ во моментов не се наплаќа, што претставува голема поволност за сите оние граѓани и компании кои ги користат електричните и „plug-in“ хибридните возила.

Извор:МЕТА