Валентина Пурдеска, жената која ја крои правдата во “машкиот“ спорт

Пишува: Зоран Милошески

Прилепчанката Валентина Пурдеска е првата жена во Македонија, карате судија, која ги поседува сите 6 европски лиценци, како во кати, така и во борби. Од минатиот месец Пурдеска ја поседува и највисоката лиценца која ѝ овозможува да ги суди финалните натпревари на европските првенства во борби, додека иста таква лиценца за судење финални борби во кати, поседува од порано. Успехот вреден за почит не стигна преку ноќ, туку се должи на долгогодишната упорност, љубов кон карате спортот, желбата да се напредува и инвестирањето во себе. Полагањето за лиценци траело 6 години, се одвивало етапно, година по година, без притоа да падне на ниту едно полагање.

„Многу е тешко да се стигне таму каде што стигнав, бидејќи каратето сѐ уште важи како спорт за мажите. Меѓутоа мора да кажам дека ја имам максималната поддршка од моите колеги. Благодарна сум ѝ на карате федерацијата на Македонија и на претседателот Драган Стојановски, кој имаше чувство да ни даде шанса да се докажеме на светско ниво. Задоволна сум од постигнатото, затоа што лиценците ги положив со највисоки оцени, без да паднам на ниту едно полагање“, вели Пурдеска.

Како прва и единствена жена во Македонија која ги поседува шесте лиценци, Пурдеска многу често ги суди борбите на посилниот пол. Оттаму, прашањето за (не)доверба од страна на натпреварувачите во машка конкуренција кон судија од понежниот пол, е сосема легитимно.

„Сум судела многу важни натпревари. Така на пример, на Европското првенство во Париз ја судев финалната борба помеѓу Франција и Турција. Исто така, на Европското првенство кое минатиот месец се одржа во Сочи, Русија, судев борби за трети места во различни категории. Токму на таквите значајни натпревари до израз доаѓа способноста на судиите да се носат со притисокот. Од тој аспект, јас многу добро функционирам и, можам да речам, подобро судам кога сум под стрес. Без проблеми се носам со товарот и тежината на финалните натпревари, како во борби така и во кати, и тоа и на европско но и на светско ниво. Никогаш досега не сум имала проблем со натпреварувачите, без разлика на важноста на борбите кои сум ги судела“, истакнува Валентина Пурдеска, единствената жена во Македонија со 6 европски лиценци за карате судија.

Кога е во прашање напредувањето во судиската кариера, нејзините амбиции не завршуваат овде. Напротив, таа најавува дека за многу скоро ќе почне со припремите за полагање на четирите лиценци кои ѝ недостигаат.

„Останува да ги положам преостанатите 4 лиценци кои ми недостигаат, со што ќе дојдам до самиот светски судиски врв. После нив, нема што друго да се освои. Планирам тоа да го направам во следните 4 години. Се надевам и верувам дека планираното ќе го постигнам, со што ќе им отворам пат и на моите помлади колешки кои тргнале по овој пат, но засега се многу подалеку од нивото кое јас го достигнав. Сите тие и сега ја имаат мојата поддршка, бидејќи од интерес на карате спортот во Македонија е тие час поскоро да стигнат до лиценци од повисоко значење“, најавува Пурдеска.

Пурдеска е тренер и сопственик на спортско-рекреативниот и карате клуб „Бонсаи“ од Прилеп. Клубот постои од 1995 година и во моментов брои 140 членови. Условите за работа на карате клубот се прилично лимитирани. Тренинзите се одвиваат во простории кои се во сопственост на клубот, а и покрај многубројните обиди да добијат платени термини во некоја од училишните сали во градот, тоа до ден денешен не им е овозможено. Но и покрај сите проблеми, клубот расте и квантитативно и квалитативно.

Карате клубот „Бонсаи“ дал многу репрезентативци, државни прваци во различни категории и освојувачи на медали на меѓународни натпревари и првенства. На последното Балканско првенство одржано минатата година во Херцег Нови, Црна Гора, јуниорскиот ката тим на „Бонсаи“ до 21 година, се закити со златниот медал.

Прочитајте повеќе

Премиерот Ковачевски се сретна со потпретседателот на Европската комисија Маргаритис Шинас

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, заедно со вицепремиерот Бојан Маричиќ и …